Можат ли Скопје и Софија да „заиграат танго“?

Илустрација - претседателите и премиерите на Република Бугарија и Република Северна Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема информации од бугарска страна за евентуални разговори преку кои би се откочиле евроинтеграциите на Северна Македонија. Германската амбасадорка во Скопје, Петра Дрекслер, за РСЕ вели дека постои политичка волја за напредок меѓу двете држави и Германија „целосно го поддржува тоа“. Но, колку евентуалната политичка криза што се наѕира во Бугарија, е дополнителен проблем?

„Немаме партнер за танго, сè уште“, вели премиерот Христијан Мицкоски зборувајќи за евентуални разговори со Република Бугарија за придвижување на евроинтеграциите на Северна Македонија. Но, колку Софија е расположена за танго со Скопје во ситуација кога се соочува со внатрешни проблеми – масовни протести и притисок за оставка на Владата?

Токму ситуацијата во Бугарија, може да доведе во ситуација македонската страна и да нема со кого да разговара, смета универзитетскиот професор Васко Наумовски, кој беше амбасадор во Вашингтон и е поранешен вицепремиер за евроинтеграции.

Тој посочува дека и досега постоеле иницијативи од македонска страна за зголемување на довербата и одржување на повеќе средби на високо ниво, но тие не биле прифатени.

„Сега останува отворено прашањето дали во наредните месеци Бугарија ќе има стабилна политичка сцена и ќе биде стабилен партнер со кој ќе може да се впуштиме во суштински разговори. Знаејќи дека доколку политичката сцена таму продолжи да се дестабилизира, не би имале со кого да се договориме или пак договореното не би опстанало во Бугарија на еден подолг рок“, вели Наумовски за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Бугарија на 1 декември се соочи со едни од најголемите демонстрации од 1990-тите години, поттикнати од Буџетот што го предложи власта. Владата го повлече, но демонстрантите бараа и оставка, на што повика и претседателот Румен Радев. Покрај буџетските планови, меѓу факторите кои го предизвикуваат гневот кај граѓаните што излегоа на улиците и плоштадите, како што и самите зборуваа, е корупцијата.

Видете и ова: Што ги поттикна протестите во Бугарија, најголеми во последните неколку децении?

Во контекст на Северна Македонија, Бугарија е важна со оглед дека македонските власти сакаат гаранции дека по евентуални уставни измени ќе нема нови услови за евроинтеграциите на земјата. Со уставните измени Северна Македонија треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата на Уставот. Тоа е обврска што земјата ја презеде во 2022 година откако две години претходно Бугарија стави вето за почеток на преговорите со ЕУ.

Германската амбасадорка смета дека постои политичка волја

Кога се во прашање односите помеѓу двете земји, амбасадорката на Сојузна Република Германија во Скопје, Петра Дрекслер, во интервју за РСЕ, оценува дека „во поновото минато може да се препознаат добри примери“ како тие да се зајакнат.

Како пример таа го посочува и договорот за коридорот 8 кој во ноември го потпишаа македонскиот вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски, и бугарскиот министер за регионален развој, Гроздан Караџов. Тој се однесува на изградба на заеднички пограничен тунел за потребите на железничкиот сообраќај.

„Тоа е инвестиција, од која ќе профитира цела Европа, кога нашата европска мрежа на железнички сообраќај ќе се комплетира. Тоа е нешто од кое силно ќе профитираат двете земји, ќе ги зајакне нашите економии, нешто што може да ја придвижи и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Според мене, секако, дека постои интерес и политичка волја за напредок и тоа Германија целосно го поддржува, како и Европската Унија“, вели Дрекслер во неделното интервју што РСЕ ќе го емитува в недела, 7 декември.

Видете и ова: Нова пруга север-југ - амбиција од 1,9 милијарди евра

Активности на два фронта

Но, како би се продолжило понатаму, ако се земе предвид моменталната ситуација во Бугарија?

Според Наумовски, активностите на македонската страна треба да продолжат со претставување на нејзините позиции пред институциите на ЕУ и со тоа да се очекува дека „европските институции или државите-членки ќе се впуштат во охрабрување на Бугарија за воздржување од правото на вето“.

„Паралелно со тоа треба да се продолжи и со иницијативите за билатерален пристап кон решавањето на овој проблем со институциите коишто се соодветни за тоа во соседна Бугарија. Низ тие два паралелни процеси, да очекуваме дека можеме да направиме некаков исчекор во текот на наредната година“, вели Наумовски.

Додека прашањето што и дали воопшто нешто ќе се промени во следниот период, останува отворено, бугарската страна досега постојано го повторуваше ставот дека Северна Македонија е таа што треба да ги исполни своите обврски.

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера изјави дека со впишување на Бугарите во Уставот Македонија значително ќе го забрза присоединувањето кон Европската Унија.

„Се надевам дека нашиот југозападен сосед ќе го стори тоа што е можно поскоро за да си ги отвори вратите за преговори за полноправно членство „ изјави Радев на приемот за претставниците на организациите на Бугари од Македонија.

Мицкоски: Немаме информации од бугарска страна

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите на 4 декември, ги повтори своите ставови дека доколку Северна Македонија ги направи уставните измени тоа ќе резултира со нови барања и затоа се потребни гаранции.

„Уставните измени се само почеток. И утре да ги внесеме Бугарите во Устав, прашање е само дали за 3, 6 или за 9 месеци ќе имаме нов услов“, рече Мицкоски.

Тој посочува дека имало иницијатива од „неколку влијателни земји“ во ЕУ за состаноци со Бугарија на високо ново, но и тврди дека досега нема информации од бугарска страна за подготвеност за разговори.

Видете и ова: Нов протокол со Бугарија – можен излез, со мали шанси

За Мицкоски дилема е и како евентуално Софија би сакала да се водат разговорите. Ако од една страна, вели тој, Бугарија тврди дека „ова веќе не е билатерално прашање“ според него логично е да се разговара со Брисел.

„Е тука, бугарската страна вели, тоа може сами да го решиме. Нека се одлучат… Ако е билатерално, ние сме подготвени да разговараме со нив, ако не е, тогаш да разговараме со Брисел“, зборуваше Мицкоски на брифингот со новинарите.

Опозицијата, пак, критикува. СДСМ ја прозива власта велејќи дека свесно го блокира европскиот пат, не сака реформи и функционирање на правната држава.

Власта од Брисел ќе ги слушне пораките за уставни измени

Во меѓувреме, Советот на Европа се подготвува да ги усвои заклучоците за проширување. Очекувањата се дека тоа ќе се случи на 16 декември, период кога премиерот Мицкоски и други претставници на Владата ќе бидат во Брисел, каде ќе се одржи и самитот ЕУ – Западен Балкан.

Како што веќе објави РСЕ, во нацрт-заклучоците во кои редакцијата имаше увид, се предвидува Советот уште еднаш да ја повика Северна Македонија да ја исполни обврската и да ги направи уставните измени.

Видете и ова: Нацрт-заклучоци од ЕУ: Уставни измени, па меѓувладина конференција без одложување

Од друга страна, како што стои во нацртот, Советот „ја потврдува својата подготвеност да свика уште една меѓувладина конференција, без понатамошни одложувања или дополнителни политички одлуки“.

Потоа, се нагласува во предлог заклучоците, „Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, во согласност со Преговарачката рамка“.

Ваквите заклучоци практично се базирани на извештаите на Европската комисија што беа објавени во ноември за напредокот на земјите аспирантки за членство.