Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, поднесе оставка од функцијата на 12 февруари.
За оставката, тој го известил Собранието кое треба да ја констатира, посочија од РКЕ, но не наведоа детали за причините за нејзиното поднесување.
„РКЕ ќе продолжи да функционира и да ги извршува надлежностите и обврските што ги има во согласност со Законот за енергетиката“, наведоа оттаму додавајќи дека вработените и членовите во РКЕ јавно му се заблагодаруваат на Бисмиловски за долгогодишната соработка.
На Бислимоски ова му беше втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот беше во периодот од јуни 2018 до јуни 2023. Тој беше реизбран за функцијата со одлука на Собранието од јули 2023 година.
Оставката доаѓа две недели откако Управата за финансиска полиција (УФП) поднесе кривична пријава против него под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Финансиската полиција го товари дека иако бил законски обврзан, тој не и ја одземал лиценцата за работа на компанијата „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, која не ги исполнувала условите за вршење енергетска дејност.
Видете и ова: Бислимоски по кривичната: Нема да дозволам да се валка моето имеОд Управата наведоа дека лиценцата на компанијата требало да биде одземена на 15 јануари 2024, но тоа не се случило тогаш туку на 14 април 2025. Оттаму посочија дека со тоа компанијата остварила вкупен промет од над 194,5 милиони денари, а стекнала и противправна имотна корист од околу 14,1 милион денари.
Бислимоски, пак, ги отфрли обвинувањата тврдејќи дека сите постапки се водени според закон и на истиот начин за оваа и за сите останати компании не само во делот за нафтени деривати туку и во секторот за електрична енергија.
„Некои завршија со одземање на лиценца, а некои компании коишто во текот на постапката докажаа дека не ги исполнуваат критериумите за одземање на лиценца, лиценцата не им беше одземена … Апсолутно се применувани пропишаните рокови и процедури, во понатамошен период апсолутно тоа и ќе се докаже дека е така“, рече Бислимоски на прес-конференција на 29 јануари.
Претходно во ноември 2025, Финансиската полиција поднесе кривична пријава и против две лица во својство на управители на „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, како и против самата компанија, поради сомнение за сторени кривични дела „Фалсификување исправа“ и „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“.