Без струја се 35.000 домаќинства околу Одеса по напад со руски дронови

Украина - Одеса по руски напад, 11 јануари 2026 година.

Без струја останаа 35.000 домаќинства во јужниот украински регион Одеса по напад со руски беспилотни летала, објави снабдувачот со електрична енергија ДТЕК, пренесе агенцијата ДПА.

ДТЕК, која е најголема украинска приватна енергетска компанија, соопшти дека станува збор за сериозна штета.

„Враќањето на снабдувањето ќе потрае“, се вели во соопштението од компанијата.

Во пристанишниот град Одеса, нападот погоди инфраструктурен објект и станбена зграда, напиша градоначалникот на Одеса, Сергеј Лисак, на мрежата Телеграм.

Тој кажа дека притоа две лица се повредени.

Видете и ова: Зеленски го осуди „циничниот терор“ откако руските напади го исклучија греењето за стотици илјади луѓе

Поради силните воздушни напади во последните денови, практично нема електрична енергија во главниот град Киев, во Днепар, во Одеса и други градови во Украина. Како резултат на тоа, недостигаат и греење и вода. Во исто време, има силен мраз со ноќни температури што паѓаат до минус 18 целзиусови степени, според ДПА.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека пресретнале 135 од вкупно 156 напаѓачки руски беспилотни летала ноќеска, што е релативно мал напад во споредба со последните недели. Сепак, имало удари на 18 локации, соопштија воздухопловните сили.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски на 11 декември изјави дека најновите напади на Русија врз неговата земја претставуваат „свесен, циничен руски терор“, додека земјата и понатаму се соочува со смртоносни напади и голема штета врз енергетскиот систем во услови на ледени зимски температури.

Русија негира дека намерно ги гаѓа цивилите во Украина, и покрај бројните докази кои укажуваат на спротивното од почетокот на инвазијата во 2022 година.