Средба Арагчи - Гроси во Женева

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи (десно) и генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси (архивска фотографија)

Иран планира да одржи разговори на високо ниво со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изјави во понеделник, 16 февруари, министерот за надворешни работи Абас Арагчи, во услови на тековните тензии околу нуклеарната програма на земјата.

Арагчи на платформата X напиша дека ќе се сретне со генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, во Женева во понеделник, за она што го опиша како „длабока техничка дискусија“. Тој рече дека ќе му се придружат нуклеарни експерти.

Арагчи отпатува во Швајцарија во неделата за следната рунда преговори со Соединетите Држави. На почетокот на февруари, двете земји започнаа обновен дијалог во Оман по воените закани од американскиот претседател Доналд Трамп.

Видете и ова: Иран: Нуклеарните преговори со САД треба да продолжат наскоро

Разговорите во Женева повторно ги посредува министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди. Швајцарија, како и неколку земји од Персискиот Залив, Техеран ја смета за неутрален посредник.

Односите меѓу Техеран и МААЕ се влошија по минатогодишната војна меѓу Иран и Израел. Во јуни 2025 година, САД се придружија на израелските напади и ги бомбардираа клучните ирански нуклеарни објекти, вклучувајќи ги и локациите за збогатување ураниум.

Видете и ова: Пезешкијан вели дека е отворен за нуклеарните инспектори

Трамп подоцна рече дека објектите биле „целосно и тотално уништени“, иако судбината на околу 400 килограми високо збогатен ураниум останува нејасна. Како одговор, Иран го ограничи пристапот за нуклеарните инспектори на ОН. Дури во септември 2025 година Техеран и МААЕ се согласија да ги продолжат инспекциите. Останува нејасно до кој степен тие инспекции се спроведуваат во моментов.

Самиот Гроси се соочи со критики од иранските тврдокорни струи. Еден ултраконзервативен весник го обвини дека дејствувал како израелски шпион и побара смртна казна за него. Некои ирански претставници тврдеа дека шефот на МААЕ не се изјаснил доволно енергично против бомбардирањето на иранските нуклеарни објекти.