Три лица од Скопје се уапсени во рамки на истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за кои постои сомнеж дека спроведувале активности на Исламската држава, како и за набавка на оружје.
На трите лица им е одреден притвор, а осомничени се гонат за кривичната дела „злосторничко здружување“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
„Според досега прибраните докази, осомничените дејствувале организирано и координирано, како група со заедничка идеолошка определба, заснована на радикални исламистички наративи. Постојат сомневања дека се преземале активности за собирање пари од земјава и од странство и дека се користени за пропаганда и активности на исламската држава, како и за набавка на оружје“, соопшти ОЈО ГОКК.
Видете и ова: Четворица уапсени за тероризам: планирале напади врз јавни објектиПокрај приведувањето, биле извршени и претреси во домовите на осомничените и во други простории на повеќе локации во Скопје при што полицијата запленила огнено оружје, електронски уреди и други докази.
ОЈО ГОКК, исто така, соопшти дека постои сомневање оти уапсените лица „се организирале за одмазда на своите браќа кои во текот на 2025 беа обвинети и осудени за делото терористичка организација“.
Осудените лица за кои сега уапсените спремале одмазда, беа уапсени во јануари лани. Стануваше збор за група од четири лица која беше откриена преку социјалната мрежа Телеграм каде преку повеќе групи тие споделувале пропаганден материјал на ИСИС и регрутирале нови членови.
Тогаш беа правени претреси на пет локации во Скопје и Гостивар и беа запленети автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефони, компјутерска опрема и други предмети.