Иран инсистира на збогатување на ураниумот додека американска флота плови во Арапското Море

Администрацијата на Трамп го распореди носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ и флота од други бродови во Арапскиот Залив.

Иранскиот министер за надворешни работи во неделата инсистираше на правото на неговата земја да збогатува ураниум, покажувајќи пркосен тон по пристугнувањето на американските поморски ударни сили во регионалните води кај Иран откако земјата со недели се соочува со невидени немири.

Коментарите на министерот Абас Аракчи дојдоа по разговорите во Оман меѓу американските и иранските претставници за судбината на нуклеарната програма на Иран. Техеран вели дека неговата атомска програма е за мирни цели и има за цел производство на електрична енергија. Но, Вашингтон и другите земји се сомневаат дека Техеран се стреми да развие нуклеарно оружје.

„Никогаш не можеме да прифатиме нултa збогатување. Затоа, треба да се фокусираме на разговори што го прифаќаат збогатувањето ураниум во Иран, а воедно да градиме доверба дека збогатувањето е и ќе остане за мирни цели“, рече Аракчи во неделата.

Видете и ова: Иран: Нуклеарните преговори со САД треба да продолжат наскоро

Тој додаде дека „инсистирањето на Иран за збогатување не е само техничко или економско... туку е вкоренето во желбата за независност и достоинство“.

„Никој нема право да ѝ кажува на иранската нација што треба, а што не треба да има“, рече министерот.

Разговорите меѓу американските и иранските преговарачи во Оман се одржаа во време кога САД го зајакнуваат своето воено присуство на Блискиот Исток.

Тензиите во Иран се зголемија во последните недели, бидејќи земјата беше потресена од невидени протести во Техеран и други градови.

Властите брутално ги задушија демонстрациите - најголеми од Исламската револуција во 1979 година, додека групите за човекови права велат дека илјадници цивили се убиени во репресијата.

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со напад доколку се случат егзекуции на демонстранти велејќи дека „помошта е на пат“. Тој нареди носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ и флота од придружни бродови да бидат испратени во регионот.

Во јуни, САД ги нападнаа иранските нуклеарни постројки на крајот од 12-дневната израелска кампања за бомбардирање на Иран.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во објава на социјалните мрежи на 7 февруари наведе дека разговорите во Оман се „чекор напред“ и дека Техеран сака да се почитуваат неговите права според меѓународните договори. Трамп, исто така, ги пофали разговорите, велејќи дека „Иран изгледа многу заинтересиран да постигне договор“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Химна за демонстрантите - Иранците пеат „Сè уште сум жив“

Али Ваез, директор на проектот за Иран во Меѓународната кризна група, рече дека се чини оти разговорите во Оман не пропаднале и дека ниту една страна не се откажала од преговорите.

„Можеби почувствувале доволно заедничка основа или двете страни ставиле некои отстапки на маса што биле доволно привлечни за двете страни да продолжат со разговорите“, изјави тој за Радио Фарда (иранскиот сервис на Радио Слободна Европа).

По разговорите во Оман, американскиот Стејт департмент објави нови санкции за извоз на иранска нафта, насочени кон 15 субјекти и 14 бродови од таканаречената флота во сенка.

Нетанјаху најавува средба со Трамп

Во меѓувреме, канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека тој ќе се сретне со Трамп во Вашингтон на 11 февруари за да разговара за „преговорите со Иран“.

Нетанјаху постојано го повикуваше Трамп, како што ги повикуваше и претходните претседатели на САД, да заземе цврст став кон Иран.

Минатиот месец тој рече дека ако Иран нападне, Израел ќе одговори „со сила каква што Иран никогаш не видел“.

Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, кој ја предводеше американската делегација во Оман, во саботата го посети носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ во Персискиот Залив. Во придружба беше и адмиралот Бред Купер, кој е шеф на Централната команда на САД.

Специјалниот претставник на САД за мировни мисии, Стив Виткоф, го посети носачот на авиони во Арапското Море.

„Денес се сретнавме со храбрите морнари и маринци на бродот „УСС Абрахам Линколн“, неговата ударна група и 9-тото воздухопловно крило на носачот кои нè чуваат безбедни и ја поддржуваат пораката на претседателот Трамп за мир преку сила“, наведе Виткоф во објава на социјалните медиуми.

Со него беше и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, кој исто така одигра централна улога во преговорите.