Спорните точки во американско-иранските преговори за избегнување војна

Специјалниот пратеник на Белата куќа, Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, ќе се сретнат на 6 февруари во последен обид да постигнат договор насочен кон спречување на евентуална војна.

Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, распореди значителни воени сили во Персискиот Залив, бидејќи неговата администрација разгледува можни напади врз Техеран.

Иран се обидува да го ограничи опсегот на разговорите исклучиво на неговата нуклеарна програма. Сепак, Соединетите Држави бараат договор што би ја ограничил и програмата за балистички ракети на Иран и би ја прекинал поддршката на Техеран за вооружените групи на Блискиот Исток.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Иран и САД се подготвуваат за преговори откако е забележана нова активност во иранските нуклеарни постројки

Трамп сака договор затоа што, како што вели Дејмон Голриз од Универзитетот за применети науки во Хаг, „тој го претпочита тоа пред војна со голема земја како Иран“.

„Доколку се постигне договор, тој ќе биде во интерес на Исламската Република - дури и ако јавноста добие впечаток дека Исламската Република се предала“, вели Голриз.

За да постигнат договор, американските и иранските пратеници ќе мора да надминат неколку спорни точки што претходно доведоа до колапс на преговорите.

Видете и ова: Ирански медиум објави слики од американски бази додека тензиите растат

Без збогатување, без залихи

Соединетите Американски Држави бараат Иран целосно да престане со збогатување на ураниум и да се откаже од своите залихи од околу 400 килограми високо збогатен ураниум, што би го спречило Техеран да гради нуклеарно оружје.

Иран претходно ги отфрли овие барања, но сега може да направи отстапки поради својата слаба преговарачка позиција, според експертите.

Иранскиот клерикален естаблишмент е во својата најслаба точка во последните децении, соочен со невидени немири и економски колапс во земјата, како и со силно зголемување на американските воени сили во непосредна близина.

Иранската нуклеарна програма е исто така сериозно компромитирана. Соединетите Американски Држави ги бомбардираа клучните подземни постројки за збогатување на ураниум во Фордоу и Натанц за време на 12-дневната војна меѓу Иран и Израел во јуни.

Еден потенцијален проблем е екстракцијата на залихите на високо збогатен ураниум на Иран, кои, според Тарик Рауф, поранешен раководител на одделот за верификација во Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), биле „измешани со урнатините“ по американските воздушни напади врз подземните нуклеарни постројки минатата година.

Рауф, исто така, истакна дека една од американските бомби за разбивање бункери што се користеа во нападот, не експлодирала.

„Сè уште има повеќе од 2000 килограми силен експлозив таму во Натанц кој може да биде многу нестабилен и може да експлодира ако се вознемири“, изјави тој за Радио Фарда (иранскиот сервис на Радио Слободна Европа).

Еден начин да се реши прашањето за збогатување на ураниум е да се вратиме на предлогот од мај 2025 година за регионален конзорциум за збогатување, што би му овозможило на Иран да продолжи со збогатување на ураниум, но само до ниски нивоа погодни за цивилни енергетски потреби.

Ваквите конзорциуми обично се основаат во земја што веќе има нуклеарна програма. Единствената земја на Блискиот Исток со формална нуклеарна програма се Обединетите Арапски Емирати, но тие се откажаа од правото да збогатуваат ураниум и да увезуваат нуклеарно гориво од странство.

Ракети и сојузници

САД исто така сакаат да воведат ограничувања на дострелот и бројот на иранските балистички ракети, што би го оневозможило Техеран да го погоди Израел.

Видете и ова: Израел вели дека Техеран ќе ја „плати цената“ додека нападите од двете страни ескалираат

Иран во моментов има ограничување на дострелот на ракетите од 2.000 километри. Неговите ракети со среден дострел можат да го погодат Израел, додека неговите ракети со краток дострел можат да ги таргетираат американските воени бази во регионот на Персискиот Залив.

Точниот број на ирански ракети со среден дострел не е познат. Израел ги таргетираше иранските производствени капацитети и системи за лансирање ракети за време на војната во јуни. Сепак, се верува дека Иран сè уште поседува неколку илјади балистички ракети со краток дострел.

Иран категорично ги отфрли сите ограничувања на својата ракетна програма, која ја смета за клучна за својата одбрана.

Исламската Република, исто така, ја отфрли можноста за напуштање на вооружените сојузници и милитантните групи што ги поддржува во Либан, Ирак и Јемен.

Иран ја смета таканаречената „Оска на отпор“ за клучен дел од својата стратегија за одвраќање на израелската и американската агресија.

Мрежата во голема мера остана настрана за време на воздушната кампања на Израел во јуни, но аналитичарите веруваат дека би можела да застане на страната на Иран ако разговорите пропаднат и избувне војна со САД.