Изборниот ден во Србија помина со низа инциденти. На 29 март се гласаше во десет српски општини за избор на советници. Гласањето се одржа со бројни пријавени нерегуларности на повеќето места, физички судири и повредени граѓани, активисти и новинари.
Судири беа регистрирани, меѓу другото, во Бор, во источна Србија, во Бајина Башта на запад и во Кула во Војводина.
Новинарската Постојана работна група за безбедност на новинарите (SRG) објави дека за време на локалните избори во десет градови и општини во Србија се забележани физички напади врз новинари и граѓани, а најдрастичен бил во селото во близина на Бор, каде што новинарите Лазар Диниќ и Иван Бјелиќ биле претепани, додека новинарката Зорица Поповиќ била двапати удирана во стомакот.
Во таа прилика биле нападнати и неколку студенти, се вели во соопштението на Здружението на слободни и независни медиуми (ANEM), додавајќи дека нападот врз новинарите бил пријавен во полицијата и обвинителството во Бор.
Пријавени се и напади врз студенти и набљудувачи, додека на некои места е забележано присуство на групи активисти на владејачката партија и засилени полициски сили.
Кон крајот на изборниот ден, во Кула беше забележано силно полициско присуство, во опрема за борба против немири. Како што јавува репортерот на РСЕ/РЛ, ситуацијата во моментов е мирна, по физичките судири што се случија во текот на денот.
Видете и ова: Локални избори во неколку српски општини за советнициНа овие локални избори право на глас имаа околу 250 илјади гласачи. Во овие места дел од медиумите и набљудувачи укажуваат на паралелни листи и организирани напади на маскирани тепачи.
Изборите ги следат рекорден број домашни и странски набљудувачи, а во трката учествуваат и листи на студенти, граѓански групи, опозициски и владејачки партии.
Целиот изборен процес се одвива во напната атмосфера, со бројни пријавени нерегуларности.