Иранска ракета со касетна боева глава го погоди централен Израел

Ирански ракети (фотоархива).

Градоначалникот на градот Ришон Ле Зион, кој се наоѓа во централен Израел, објави дека иранска ракета со касетна боева глава го погодила градот и уништила неколку локации, вклучувајќи и градинка.

Градоначалникот рече дека доколку нападот се случил во работен ден односно кога децата се на училиште, ќе имало потешки последици.

Според Ројтерс, дел од ракетите испукани од Иран кон Израел, имаат касетни боеви глави, кои се потешки за пресретнување и уништување од страна на израелските системи за ракетна одбрана.

Претходно, израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека се очекува воените операции против Иран да се интензивираат во наредните денови.

„Интензитетот на нападите што израелската и американската војска ќе ги извршат против иранскиот режим и неговата придружна инфраструктура значително ќе се зголемат“, рече Кац во соопштение објавено од израелското Министерство за одбрана во саботата.

Видете и ова: Иран ja гаѓаше американско-британската база на островот Диего Гарсија

Неговите коментари доаѓаат во време на заеднички воени операции на Израел и САД насочени кон иранската воена и стратешка инфраструктура.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп навести можна деескалација на непријателствата, велејќи дека би можел да поддржи „постепено ублажување“ на воената активност под одредени услови.

Изјавата доаѓа додека поголем број медиуми, повикувајќи се на неименувани американски претставници, објавуваат дека илјадници дополнителни американски копнени трупи се на пат кон регионот, потег што се смета за давање дополнителни опции на САД во војна со Иран.

Конфликтот меѓу Израел, САД и Иран ескалираше во последните недели, при што двете страни разменуваат напади.

Видете и ова: Трамп размислува за „смирување“ на војната, покрај извештаите за уште војници на Блискиот исток

Иран изврши ракетни и беспилотни напади врз Израел и американските позиции во регионот, а воедно придонесе и за регионални тензии што влијаат на клучните бродски патишта, вклучувајќи го и Ормутскиот теснец.

Ескалацијата предизвика загриженост низ целиот свет, особено во врска со енергетските пазари и економската стабилност, бидејќи ситуацијата во овој регион доведе до зголемување на цените на нафтата и нестабилност на пазарот.