Чешките власти започнаа истрага за пожарот што избувна на 20 март во магацин на компанија што произведува дронови и друга воена опрема, вклучително и нова крстосувачка ракета што наводно планирала да ја тестира во војната во Украина оваа година.
Надлежните посочија дека пожарот во објект на фабриката за оружје LPP Holding во градот Пардубице, околу 100 километри источно од Прага, бил намерно подметнат и го третираат како терористички напад.
Група која се нарекува „Earthquake Faction“ преку објава на Телеграм презеде одговорност за пожарот во објектот опишувајќи го како „клучен производствен центар“ за израелско оружје и го поврза со, како што наведе, „геноцидот против Палестина, Иран и Либан“.
Сепак, чешкиот медиум „Seznam zpravy“, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека безбедносните служби ја разгледуваат и можноста дека станува збор за операција „лажно знаме“ и дека групата „Earthquake Faction“, за која медиумот наведува дека нема траги за нејзината историја, можеби е само прикритие за друга организација или државен актер.
„Се занимаваме со сите достапни информации. Постои веројатна поврзаност со терористички напад“, напиша министерот за внатрешни работи Љубомир Метнар во објава на мрежата Икс.
Видете и ова: Како Чесите ја тролаа руската амбасада, а потоа работите ескалирааПремиерот, Андреј Бабиш, исто така на мрежата Икс, наведе дека случајот се истражува како чин на тероризам, а претседателот Петр Павел рече дека е важно да се почекаат резултатите од истрагата.
Началникот на националната полиција, Мартин Вондрашек, изјави дека кратко по пријавувањето на пожарот околу 4 часот наутро, биле испратени пораки до неколку чешки новинари од адреса регистрирана на истиот домен како веб-страницата на „Earthquake Faction“.
Во соопштение на својата веб-страница, фирмата LPP потврди дека избувнал пожар во еден од нејзините објекти и соопшти дека нема да шпекулира за „причините или околностите“. Наведе дека нема повредени.
Чешкиот медиум „Aktualne“, повикувајќи се на претставник на LPP, објави дека соработката што била планирана во 2023 година со израелската компанија „Elbit Systems“ никогаш не се реализирала поради тоа што пропаднал тендерот, како и дека LPP никогаш не произведувала израелски дронови.
Написи на веб-страницата на LPP укажуваат дека компанијата произведувала дронови што биле користени од украинската војска за одбраната од руска инвазија, која сега е во својата петта година.
Во декември, „Aktualne“ објави дека борбеното тестирање на нова крстосувачка ракета „Narwhal“ произведена од LPP, со дострел до 680 километри, требало да се направи во Украина во периодот јануари – февруари оваа година, како и дека набргу потоа е можно да се почне со сериско производство.