На актуелниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, му е одреден притвор од 30 дена откако беше приведен во акција каде е осомничен за примање поткуп, соопшти Основниот кривичен суд Скопје, вечерта на 20 март.
„Прифатен е предлогот на Јавното обвинителство за определување мерка притвор во траење од 30 дена против В.А. по сите три основи – опасност од бегство, влијание врз сведоци и опасност да го повтори делото“, потврдија од судот.
Истрагата ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) кое претходно соопшти дека тој е осомничен за кривичното дело примање поткуп.
Директорот во текот на март побарал пари за, како што наведе обвинителството, да „изврши службено дејствие што би морало да го изврши“. Конкретно правел притисок врз службеници да не одобрат увоз на одредена стока, иако истата многупати претходно била увезувана. На оштетената фирма што ја увезувала стоката, директорот и тврдел дека таа не е во согласност со законските прописи. Како резултат на притисоците, стоката повеќе дена стоела на граница.
Кога од фирмата побарале објаснување, според обвинителството, директорот побарал поткуп.
„На 13.03.2026 година бил одобрен влез за стоката на друг граничен премин, а осомничениот на средба со шпедитерот и оштетениот увозник директно побарал поткуп за одобрениот увоз и за идните увози, при што побарал првата рата од 50.000 евра да му биде дадена до 19 март, а останатите две рати во деновите што следат“, велат од Обвинителството.
Директорот бил пријавен., па кога на 19 март ја зел првата рата што ја барал, полицијата го уапси.
Видете и ова: Неизвесност за поврат на пари поради стопирани исплати - европскиот ИПАРД на паузаОва е втор случај со поткуп во секторот земјоделство во период од неколку месеци откако во ноември 2025 беше приведен директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев.
Обвинителството тогаш оформи предмет и го осомничи Стоилев дека примил ветување за поткуп од 50.000 евра од управител на приватно правно лице, под услов да потпише договор за користење на финансиски средства од ИПАРД програмата иако фирмата не ги исполнувала условите од јавниот повик.