Руски воздушни напади убија шест лица во Украина, Киев ја погоди рафинеријата за нафта во Краснодар

Украина - руски напад во Запорожје, 14 март 2026 година.

Шест лица загинаа во руски напади со беспилотни летала и ракети, а десетици беа повредени низ цела Украина, додека Киев соопшти дека цел на нападот биле пристаниште и рафинерија за нафта во јужниот руски регион Краснодар.

Во рускиот напад, првенствено насочен кон енергетската инфраструктура на Киев, беа употребени околу 430 беспилотни летала и 68 ракети од различни типови, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на 14 март, кога неговата земја го одбележа националниот ден на волонтерството.

„За жал, имаше и напади и штети врз обични домови, училишта и цивилни бизниси“, напиша Зеленски на Телеграм, повикувајќи на спроведување на договорите за воздушна одбрана со европските партнери на Украина.

Шефот на воената администрација на Киев, Микола Калашник, рече дека пет лица се убиени во регионот, а уште 15 се повредени. „Тројца од нив се во сериозна состојба, двајца моментално се на операција“, додаде тој.

Уште едно лице е пријавено за убиено во Запорожје, додека локалните власти соопштија дека најмалку пет други украински региони биле цел на руски напади.

Во меѓувреме, украинската војска на 14 март соопшти дека ги погодила рафинеријата за нафта Афипски и пристаништето Кавказ во јужниот руски регион Краснодар. Во соопштението се додава дека нападите предизвикале пожар во рафинеријата за нафта и штета за пристаништето.

Видете и ова: Руски напад со дрон уби тинејџерка, Украина таргетираше складиште за нафта

Иако руските власти не го коментираа веднаш инцидентот, украинските и руските канали на Телеграм објавија видеа генерирани од корисници кои се чини дека прикажуваат експлозии и чад во областа.

Нападот следувше по одлуката на Соединетите Американски Држави привремено да ги укинат санкциите врз руската нафта за да ги стабилизираат глобалните енергетски пазари во услови на воена кампања против Иран.

Киев изјави дека овој потег би можел да додаде околу 10 милијарди долари во воениот фонд на Кремљ.

На 12 март, и Киев и Москва потврдија дека уште една рунда трилатерални разговори во кои учествуваат Русија, Украина и САД е одложена, додека на 13 март, украинската војска пријави 153 судири по линијата на фронтот во текот на денот.

„Русија ќе се обиде да ја искористи војната на Блискиот Исток за да предизвика поголемо уништување тука во Европа, во Украина“, рече Зеленски на 14 март.

Иран долго време е сојузник на Русија, снабдувајќи ја со воена опрема и технологија во воените напори на Москва против Украина.