Украина е подготвена да го сподели своето искуство од бојното поле во борбата против иранските беспилотни летала „Шахед“, бидејќи Вашингтон и неговите партнери се соочуваат со слични закани на Блискиот Исток, соопшти украинската амбасада во Соединетите Американски Држави.
„Украина знае како да се одбрани од нападите со беспилотни летала „Шахед“, бидејќи нашите градови се соочуваат со нив речиси секоја вечер. Кога нашите партнери имаат потреба од тоа, ние секогаш сме подготвени да помогнеме“, изјави за РФЕ/РЛ украинската амбасадорка Олга Стефанишина на 6 март.
„Ова не се изјави, ние предлагаме конкретна, практична помош, нашето искуство и решенија. Ова ќе помогне во заштитата на човечките животи“, рече таа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот изјави дека Киев добил барање од Соединетите Американски Држави за „конкретна поддршка“ и им наложил на службениците да обезбедат потребни средства и експертиза за да помогнат во воздушната одбрана во Заливот.
Во текот на неделата, Зеленски, исто така, разговараше за потенцијалната украинска помош во борбата против иранските напади со лидерите на Обединетите Арапски Емирати, Катар, Јордан, Бахреин и Кувајт.
Видете и ова: Четири години од инвазијата врз Украина: Дали руската војска научи подобро да војува?Техеран, долгогодишен сојузник на Москва, ѝ обезбеди на Русија воена опрема и технологија. Русија, која самата почна да произведува дронови „Шахед“ дизајнирани од Иран, честопати лансираше стотици дронови во Украина одеднаш.
Како одговор на нападите, Украина разви економични технологии за пресретнување. Пресретнувачите на дронови во земјата нудат ефикасен начин за запирање на големи бранови дронови кои инаку би барале многу поскапи ракетни системи.
Украина вели дека е во состојба да пресретне околу 90 проценти од дроновите „Шахед“ лансирани кон нејзина територија и проценува дека руската војска употребила најмалку 57.000 од нив против нејзината цивилна и енергетска инфраструктура.
Додека Украина продолжува да ја истакнува потребата од координирани меѓународни напори и посилна соработка во воздушната одбрана за подобра заштита на цивилите, војните на Блискиот Исток и Украина покажуваат дека заканата што ја претставува континуираната употреба и ширење на дронови од типот „Шахед“ е глобална, а не регионална.