Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и безбедна, внатре и во регионот

Фотоархива/Гордана Сиљановска-Давкова

Состојбата е стабилна и безбедна. Ние не сме во моментов изложени на нестабилност ниту има опасности по безбедноста внатре и во регионот, порача вечерва претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова која закажа седница на Советот за безбедност по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа рече дека ваквата оценка се заснова на податоците од Агенцијата за разузнавање, АНБ, Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и МВР, но исто така и од началникот на Генералштабот.

Претседателката рече дека министерот за надворешни работи, Муцунски кој е во САД, учествувал на седницата преку видео врска и информирал за растечкиот број на македонски граѓани кои се затечени во загрозените подарачја.

Видете и ова: Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно

„Најважно е дека формираниот кризен центар во рамките на МНР е во постојан контакт со сите граѓани и уште еднаш повторувам, луѓето се загрижени. Причината е затвореното небо за прелети. Во некои држави, Катар на пример, можноста беше со бродски превоз, но и тој не фунцкиноира. Факт е дека се згрижени, безбедни и во постојан контакт со МНР“, додаде Сиљановска-Давкова.

Таа нагласи дека постои систем на рано предупредување и сите институции „во рамките на надлежностите ги анализираат состојбите, се координираат и информираат“.

Претседателката истакна дека нашите органи се во координација со оние од регионот.

„Како што знаете сѐ уште НАТО немал седница која ќе биде посветена, но Советот за безбедност заседаваше, се разбира дека и регионалните информации ќе бидат споделени“, посочи таа на вечерашната прес конференција.

Видете и ова: Сѐ повеќе граѓани се обраќаат за помош по ситуацијата на Блискиот Исток

Според неа, во вакви ситуации се „размислува за можното влијание не само на безбедноста, туку и на економијата и користењето на енергенсите“. Но, како што рече, и во тој поглед нема проблем.

„Нема зошто да се грижиме во моментов, ќе ги следиме состојбите и соодветно ќе реагираме“, додаде Сиљановска-Давкова.

Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.

Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија е определен со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.