Трамп тврди дека се убиени 48 ирански лидери

Доналд Трамп, фотоархива

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека во американско-израелскиот напад биле убиени 48 ирански лидери.

„Никој не може да поверува колкав успех имаме, 48 водачи се отстранети одеднаш. И сè напредува многу брзо“, рече Трамп во интервју за Фокс њуз.

Официјални лица од Централната команда на САД, која ги надгледува операциите на Блискиот Исток, соопштија дека тројца американски војници загинале во акција, а петмина се тешко ранети.

Видете и ова: Тројца американски војници загинаа за време на воената операција во Иран

Во соопштението не се наведени детали каде и како биле погодени војниците. Наведено е само дека неколку други војници „се здобиле со полесни повреди од шрапнели и потреси на мозокот и се во процес на враќање на должност“.

Во меѓувреме, Ројтерс, повикувајќи се на списанието „Атлантик“ објави дека американскиот претседател, Трамп вели оти новото иранско раководство сака да разговара со него и дека тој се согласил.

„Сакаат да разговараат, а јас се согласив да разговарам, па ќе разговарам со нив. Требаше тоа да го направат порано. Требаше порано да го дадат она што беше многу практично и лесно да се направи. Предолго чекаа“, рече Трамп во интервју од својата резиденција на Флорида.

Трамп не прецизираше со кого ќе разговара ниту кажа дали тоа ќе се случи во недела или во понеделник.