Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат, на седницата е вклучен преку видео - врска.
Видете и ова:
Сѐ повеќе граѓани се обраќаат за помош по ситуацијата на Блискиот ИстокНа седницата се присутни и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал - мајор Сашко Лафчиски.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија е определен со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Согласно последниот развој на безбедносната состојба на Блискиот Исток, претходно, на 28 февруари, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија формираше кризен штаб кој како што соопштија оттаму, континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција на македонските државјани.