Вкупно 13,6 отсто од учениците од седмо до деветто одделение, најчесто од 13 до 15 години, користат некој тутунски производ - покажуваат резултатите од истражување спроведено во 75 училишта во државата. Иако податоците се однесуваат на 2024 година, тие беа објавени денеска (27 февруари) на прес-конференција во Министерството за здравство.
„Вкупно 12,3 проценти моментно користат тутун. Вкупно 5,3 проценти моментно пушат цигари. Вкупно 4,9 проценти од учениците моментно користат тутунски производи што се загреваат (5,1 отсто момчиња и 4,4 проценти девојчиња)“, информираше д-р Сања Прошева од Институтот за јавно здравје.
Таа рече дека 3,6 отсто моментно користат тутун што не се пуши.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Забрането пушење во автомобил со дете и на поткаст. Какви други рестрикции носи новиот закон?
Од учениците, додаде таа, девет проценти моментно користат електронски цигари - 8,2 отсто момчиња и 9,6 проценти девојчиња.
„Од сегашните пушачи, 66,1 отсто се обиделе да се откажат од пушење изминативе 12 месеци. Да престанат со пушење сега сакаат 56,5 проценти“, посочи д-р Прошева.
Според клучните наоди од извештајот презентирани денеска, пушењето во училишните простори, како што се наведува, и понатаму претставува загриженост.
Во 2024 година 45,1 отсто од учениците виделе некого како пуши во училишните згради или на училишниот имот.
Министерот за здравство, Азир Алиу појасни дека истражувањето е спроведено кај ученици на возраст од 13 до 15 години, со поддршка од СЗО. Во првата фаза на истражувањето биле избрани 75 училишта, а опфатени 4.670 ученици.
„Истражувањето е дел од глобалниот систем за надзор на тутунот и претставува национално репрезентативно истражување што четврти пат се спроведува во училиштата во нашата држава“, истакна Алиу.
Тој додаде дека ова, е и највисоката преваленца која е регистриран досега.
Видете и ова: Ќе се одложи ли примената на Законот за заштита од пушење -профитот наспроти здравјетоВкупно девет отсто од учениците користат електронски цигари, а според податоците што ги сподели министерот, тоа е повеќе од двојно зголемување во споредба со 2016 година.
„Дополнително, загрижувачки се податоците дека дури 57 отсто од младите биле изложени на тутунски чад во домот, а 55,4 проценти биле изложени на чад во затворени јавни простори“, потенцираше ресорниот министер.
Во однос на достапноста на тутунските производи, истражувањето покажува дека 73,2 отсто од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст.
Претставникот на СЗО, Аким Али на денешната прес конференција нагласи дека пушењето не е добро за здравјето на младите и оти зависноста не треба да се почувствува уште на мала возраст.
Тој се осврна на тоа дека родителите кога ги праќаат своите деца на училиште, очекуваат здрава и чиста средина, а некои биле подложени на тутун во училиштата.
Видете и ова: Сѐ повеќе млади зависни од електронски цигари, регулатива немаАли истакна дека со новиот закон се заштитуваат непушачите, особено децата.
- Време е да ги заштитиме децата - истакна претставникот на СЗО.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска посочи дека никотинските производи земаат сè поголем замав. Таа додаде дека овие истражувања мора да го видат светлото на денот. Се прават, како што појасни, за врз нив да се креираат политики што ќе водат до унапредување на јавното здравје на сите.