Европската комисија предлага укинување на роамингот за земјите од Западен Балкан

Илустрација

Европската комисија предложи отворање преговори со шест земји од Западен Балкан за да ги вклучи во шемата на ЕУ „Роаминг како дома“.

Оваа програма на Европската комисија е регулатива на ЕУ што дозволува мобилни телефони да се користат во други земји-членки по исти цени како и во вашата матична земја.

Тоа значи дека кога се користи мобилен телефон во зоната на ЕУ, нема дополнителни трошоци за роаминг за повици, СМС-пораки или користење на интернет.

Комесарот за проширување на ЕУ, Марта Кос, изјави дека трошоците за роаминг се проблем за луѓето низ целиот Западен Балкан.

„Тие влијаат на работниците што ги преминуваат границите или на семејствата кои едноставно сакаат да останат во контакт. Ненадејните сметки или повисоките трошоци додека патуваме се нешто што повеќе не го знаеме во рамките на ЕУ. Денес предложивме да го прошириме ова на Западен Балкан. Ова би значело полесни повици и мобилни податоци по цени како дома“, изјави Кос.

Видете и ова: Муцунски на средба со Кос во Брисел: Од 2026 можно укинување на роамингот со ЕУ

Со предлогот Комисијата бара одобрение од Советот на ЕУ за отворање преговори со партнери од Западен Балкан по ова прашање. Откако Советот ќе го усвои ова барање, Европската комисија ќе преговара за билатерални договори со секоја земја во регионот. Откако ќе бидат успешно склучени, овие договори ќе го отворат патот Западен Балкан да стане дел од областа на ЕУ „Движете се како дома“.

Откако договорот ќе биде финализиран и целосно усогласен со правилата за роаминг на ЕУ, граѓаните што патуваат помеѓу ЕУ и Западен Балкан ќе можат да остваруваат повици, да испраќаат пораки и да користат мобилни податоци без дополнителни трошоци за роаминг.

ЕУ го воведе „Роаминг како дома“ во јуни 2017 година. Се однесува на земјите-членки на ЕУ и земјите од Европската економска зона. Во јануари оваа година, регулативата беше проширена на Украина и Молдавија.

Во моментов нема потврда од Европската комисија за тоа кога регулативата потенцијално би можела да почне да се применува во земјите во регионот, бидејќи, според претставниците на Комисијата, сè зависи од преговорите со надлежните институции во регионот.

„Временската рамка зависи од подготвеноста на секој од партнерите од Западен Балкан да склучи билатерални договори со ЕУ и да обезбеди нивно целосно почитување на релевантното законодавство“, изјави портпаролот на Комисијата Рикардо Кардосо.