Иран го уапси шефот на бирото на јапонскиот јавен радиодифузен сервис, NHK World, и го префрли во озлогласениот затвор „Евин“ во Техеран, потврдија два извори за Радио Фарда, сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Не е јасно кога е уапсен или какви се обвиненијата против Шиносуке Кавашима, но нашите извори тврдат дека тој бил однесен во затворот „Евин“ на 23 февруари.
Кавашима е сместен во одделението 7 во затворот „Евин“, каде што обично се наоѓаат политичките затвореници, посочува еден од изворите.
NHK не одговори веднаш на барањето за коментар од Радио Фарда. Иранските власти не објавија ништо за апсењето на Кавашима, кој претходно беше шеф на бирото на NHK во Џакарта.
Видете и ова: Иранската влада: Студентите мора да ги почитуваат „црвените линии“NHK е јавен радиодифузен сервис на Јапонија, кој емитува вести и информации за Јапонија и Азија преку телевизија, радио и онлајн платформи за глобална публика.
Апсењето на Кавашима доаѓа неколку недели откако властите убија илјадници луѓе во невидена репресија на масовните протести со кои се бараше соборување на иранските владетели.
Како дел од репресијата, десетици илјади луѓе се уапсени низ целата земја во последните недели, вклучувајќи новинари и борци за човекови права.