Зеленски: Путин не успеа да ги постигне целите во Украина

Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володомир Зеленски го обвини рускиот колега Владимир Путин дека се обидува да ја преземе Украина, велејќи дека не успеал да ја постигне оваа и други воени цели.

Во видео обраќање по повод четиригодишнината од војната на кое беа прикажани Украинците како вршат отпор против руските војници во првите денови од конфликтот, Зеленски додаде дека Украина е подготвена да направи „сè“ што може за да обезбеди силен, траен мир.

Стотици илјади луѓе загинаа откако Русија го нападна својот сосед на 24 февруари 2022 година, започнувајќи ја најсмртоносната војна на европско тло од Втората светска војна.

Разговорите меѓу двете страни, обновени минатата година од страна на Соединетите Американски Држави, досега не успеаја да ги запрат борбите, кои ја опустошија земјата и ја оставија соочена со огромна задача за реконструкција.

Видете и ова: Украина влегува во петтата година од војната со Русија, борбите и преговорите продолжуваат

„Путин не ги постигна своите цели. Тој не ги скрши Украинците. Тој не ја доби оваа војна. Ние ја зачувавме Украина и ќе направиме сè за да постигнеме мир - и да обезбедиме правда“, рече Зеленски во своето обраќање.

„Сакаме мир. Силен, достоинствен и траен мир“, рече Зеленски, додавајќи дека секој договор „не смее едноставно да се потпише, туку мора да биде прифатен од Украинците“.

Лидерите на сојузниците на Украина, вклучувајќи го финскиот претседател Александар Стаб и шведскиот премиер Улф Кристерсон, се во земјата во вторник, 24 февруари за да ја одбележат годишнината.

Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така е таму, велејќи дека сака да потврди дека Европа „непоколебливо стои со Украина, финансиски, воено и низ оваа сурова зима“.

„И да испрати јасна порака до украинскиот народ и до агресорот: нема да попуштиме додека не се воспостави мир. Мир под условите на Украина“, рече таа во видео објавено на социјалните медиуми.

Се очекува таа да присуствува на „церемонија на комеморација“ и да посети украински енергетски објект оштетен од руските напади пред да се сретне со Зеленски и да учествува на видеоконференција со сојузниците на Киев, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија.