Иранските студенти одржаа антивладини протести на неколку универзитети во понеделник, 23 февруари, трет ден по ред, според видеа објавени на интернет и потврдени од Радио Слободна Европа (РСЕ).
Новите протести се први откако властите убија илјадници луѓе при задушување на демонстрациите против иранските свештенички власти минатиот месец.
Протестите се одржуваат додека Иран се подготвува за можна воена акција од страна на Соединетите Американски Држави (САД).
Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Техеран да не користи повеќе насилство против демонстрантите и се закани дека ќе ја нападне Исламска Република поради нејзиното одбивање да се откаже од својата нуклеарна програма.
Десетици студенти организираа протести на најмалку четири универзитети во главниот град Техеран, вклучувајќи го универзитетот Ал-Захра, универзитетот во Техеран, технолошкиот универзитет Шариф и технолошкиот универзитет Амиркабир.
Видете и ова: Иран подготвен за трета рунда разговори со САДВидеа на социјалните мрежи покажаа студентки на Универзитетот Ал-Захра како скандираат „Ова е година на крв. Сајед Али ќе биде соборен“, алудирајќи на врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи.
Друго видео покажа студентки на универзитетот во Техеран како скандираат „Жени, живот, слобода“, осврнувајќи се на протестите од 2022 година предизвикани од смртта во притвор на млада жена обвинета за кршење на законот за хиџаб.
Новите демонстрации се совпаднаа со почетокот на новиот универзитетски семестар и со стотиците церемонии одржани низ целата земја минатата недела во спомен на жртвите убиени за време на задушувањето на масовните протести во јануари.
Најмалку 7.000 луѓе беа убиени за време на протестите што избувнаа кон крајот на декември 2025 година, според групите за човекови права, иако се верува дека вистинскиот број на жртви е многу поголем.
Повеќето од убиствата наводно се случиле помеѓу 8 и 10 јануари, кулминација на задушувањето на протестите.
Овие протести беа меѓу најголемите во Иран од Исламската револуција во 1979 година.
Обновените протести во Техеран доаѓаат во време кога САД продолжуваат да се закануваат дека ќе го нападнат Иран поради неговата спорна нуклеарна програма и покрај неколкуте рунди индиректни разговори.
Во најголемиот протест во главниот град по смртоносното задушување на демонстрациите минатиот месец, иранските студенти кои извикуваа антивладини слогани се судрија со безбедносните сили пред технолошкиот универзитет „Шариф“ во саботата. Слични собири беа пријавени и на други универзитети.
Студентите пред технолошкиот универзитет „Амир Кабир“ во неделата се судрија со членови на „Басиџ“, доброволна паравоена сила која одигра значајна улога во задушувањето на минатите демонстрации. Според видеата на социјалните медиуми, студентите извикуваа антивладини слогани.
Универзитетите во Техеран честопати беа сцена на студентски протести што се одржаа по револуцијата во 1979 година и резултираа со брутална репресија од страна на безбедносните сили.