Насилството низ Мексико се шири по убиството на нарко-босот Ел Менча

Чад се крева по воената операција во која, според владини извори, е убиен мексиканскиот нарко-бос Немесио Осегуера, познат како „Ел Менчо“, во Пуерто Ваљарта

Откако мексиканската војска го уби Немесио Рубен Осегуеро Сервантес, познат како Ел Менчо, водачот на картелот „Нова генерација Халиско“ (CJNG), низ целата земја избувна бран насилство.

Ел Менчо почина на 22 февруари за време на операција во градот Тапалпа во државата Халиско, каде што беше ранет во конфликт со војската и почина за време на транспортот до Мексико Сити.

За време на истата операција, беа убиени уште четири члена на картелот, а неколку членови на мексиканските безбедносни сили беа ранети, додека беа запленети тешко оружје и оклопни возила.

Мексиканските власти потврдија дека во операцијата користеле и разузнавачки информации од Соединетите Држави. По објавувањето на веста за неговата смрт, картелот започна широки одмазди.

Во најмалку десет држави, беа запалени возила, беа поставени блокади на патиштата и беа пријавени вооружени напади во неколку градови, вклучувајќи ги Гвадалахара и Пуерто Ваљарта.

Видете и ова: Тони дрога и картели: Најголемите заплени во Западен Балкан

Во Халиско беше прогласена вонредна „црвена состојба“, јавниот превоз беше суспендиран, часовите и масовните настани беа откажани, а на населението му беше советувано да остане дома. Според безбедносните служби, 25 лица беа уапсени, додека голем број продавници и банкарски филијали беа оштетени или запалени во нападите.

Поради ескалацијата на насилството, неколку меѓународни авиокомпании, вклучувајќи ги Ер Канада, Јунајтед ерлајнс и Американ ерлајнс, ги откажаа летовите до Халиско.

Туристите во Пуерто Ваљарта ја опишаа ситуацијата како „воена зона“.

Американските власти издадоа предупредување до своите граѓани да се евакуираат на безбедно место во неколку федерални држави, вклучувајќи ги Халиско, Тамаулипас, Мичоакан, Гереро и Нуево Леон.

Со години, Ел Менчо се сметаше за еден од најбараните криминалци во светот, а САД нудеа 15 милиони долари за информации што доведоа до негово апсење.