Путин ја зајакна контролата на Федералната служба за безбедност врз рускиот интернет

Некои Руси протестираа против зголемените ограничувања на интернет во Русија, Москва, јули 2025 година

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој на главната разузнавачка агенција во земјата ѝ се даваат нови овластувања да го исклучи интернетот во земјата.

Законот, потпишан на 20 февруари, е најновиот во низата прописи што ја заоструваат можноста на властите да ограничуваат вести и информации во Русија.

Новата мерка, усвоена од пратениците претходно оваа недела, ѝ дава на Федералната служба за безбедност (ФСБ) овластување да бара од давателите на интернет услуги, мобилни или фиксни, да го исклучат или ограничат пристапот во случаи „утврдени со регулаторни правни акти на претседателот на Руската Федерација“.

Овој потег му овозможува на Путин лично да одлучи кога треба да се исклучат онлајн комуникациите во една земја или одреден регион, без да мора да наведува причина.

Исто така, се отстранува секоја одговорност на давателите на услуги за постапување по таква наредба.

„Само претседателот може да воведе ограничувања“, беше цитиран адвокатот и долгогодишен интернет активист Саркис Дарбињан.

Како што изјави тој, претседателските декрети се „уште поедноставни од владините декрети“.

Во последните месеци, руските власти се обидуваат да најдат начини да спречат влегување на украински беспилотни летала во рускиот воздушен простор.

Видете и ова: Што значи блокирањето на WhatsApp и Telegram за милиони Руси?

Во многу случаи, беспилотните летала користат руски сигнали за да летаат кон цели, понекогаш и на долги растојанија.

Властите, исто така, го засилија притисокот врз популарните интернет алатки, особено апликациите за пораки како WhatsUp и Telegram.

Двете апликации се значително забавени како дел од владините напори да ги охрабрат Русите да ја користат апликацијата Max, поддржана од државата.

Според еден извештај, Telegram би можел да биде целосно блокиран од 1 април. Ограничувањата на Telegram предизвикаа негодување кај блогерите кои внимателно ги следат случувањата на бојното поле во Украина и собираат средства за руските трупи. Telegram е широко користен од руските војници распоредени на терен.

Технолошкиот регулатор Роскомнадзор го обвини Telegram, основан од протераниот претприемач Павел Дуров, за создавање пазар за протечени лични податоци на руски граѓани.