Врховниот суд на САД пресуди дека претседателот на САД, Доналд Трамп, ги пречекорил своите овластувања со воведувањето серија царини што ја потресоа глобалната трговија. Со тоа, судот ја блокира една од клучните алатки што претседателот ги користеше за спроведување на својата економска агенда.
Врховниот суд, во кој доминираат конзервативни судии, одлучи со шест наспроти три гласови, нагласувајќи во пресудата дека Законот за меѓународни економски овластувања за вонредни состојби (IEEPA) „не му дава на претседателот овластување да наметнува царини“.
Трамп почна да воведува широки царини откако се врати во Белата куќа минатата година, наметнувајќи нови тарифи за речиси сите трговски партнери на САД.
Мерките вклучуваа „реципрочни“ царини за трговски практики што Вашингтон ги смета за неправедни. Тие погодија и земји од Западен Балкан.
САД, исто така, воведоа посебни царини и за клучните партнери, вклучувајќи ги Мексико, Канада и Кина, поради прашања поврзани со трговијата со дрога и имиграцијата.
Во пресудата на Врховниот суд се вели дека „доколку Конгресот имал намера да му даде на претседателот специфично овластување да воведува тарифи“ преку IEEPA, „ќе го стореше тоа, како што го стори и во други закони поврзани со тарифите“.
Пресудата не влијае на специфичните тарифи што Трамп ги воведе одделно за одредени сектори, вклучувајќи ги тие за челик, алуминиум и други стоки.
Во гласањето за пресудата, тројцата либерални судии се придружија на тројца конзервативни со цел да ги потврдат одлуките на пониските судови кои претходно пресудија дека тарифите воведени според IEEPA се нелегални.
Претседателот на Врховниот суд, Џон Робертс, при објавувањето на пресудата рече дека „IEEPA не содржи ниту една одредба што се однесува на тарифи или царински давачки“.
Во мај минатата година, понискиот трговски суд пресуди дека Трамп ги пречекорил своите овластувања кога вовел широки тарифи, но пресудата не беше спроведена бидејќи Владата поднесе жалба.