Иран и Русија во четврток започнаа заеднички поморски вежби во јужните води на Иран, додека САД продолжуваат да го прошируваат своето воено присуство во Арапско Море.
Вежбите се одвиваат првенствено во Ормуски Теснец, Омански Залив и северниот дел на Индиски Океан.
Познати како „Поморски безбедносен појас“, вежбите се одржуваат од 2019 година и обично ја вклучуваат и Кина, иако Пекинг, како што изгледа, не учествува во актуелните вежби.
Контраадмиралот на иранската морнарица, Хасан Максудлу, им изјави на новинарите дека една од целите на вежбите е „да се спречи каква било еднострана акција во регионот“, што изгледаше како имплицитна референца на засилувањето на присуството на американската војска.
Иранско-руски вежби
Иранската и руската морнарица изведоа вежби на воздушно извидување и практикуваа тактички формации и маневрирање, пренесоа иранските медиуми.
Видете и ова: Криза меѓу САД и Иран: дипломатија или конфликт?Вежбите, исто така, опфатија сценарија на офанзивни формации насочени кон подобрување на тактичката координација, зајакнување на заедничката команда и контрола и увежбување на брза реакција во оперативни услови, при што единиците практикуваа комбинирано распоредување и техники на маневрирање.
Меѓу силите што учествуваа беа единици на иранската морнарица и морнарицата на Корпусот на исламската револуционерна гарда - воени бродови, ракетни чамци, хеликоптери, тимови за специјални операции и летала за брзи напади, заедно со руската корвета „Стојкиј“ и авиони на иранската воена авијација.
Се очекува Европска Унија оваа недела да го означи Корпусот на исламската револуционерна гарда, кој одржа свои поморски вежби во Ормуски Теснец на 16 и 17 февруари, како терористичка организација. Одлуката за ставање на IRGC на „црна листа“ беше донесена минатиот месец.
Од руската страна, се чини дека во вежбите учествува само еден воен брод.
„Мали“ и „симболични“
Укажувајќи на слабото присуство на Русија, поранешниот ирански морнарички офицер Мохамед Парси ја опиша вежбата како „мала“ и „симболична“.
„Не можам да замислам дека Русија би понудила вистинска поддршка во директен судир меѓу Иран и САД“, изјави тој за Радио Фарда (ирански сервис на РСЕ), додавајќи дека Москва веројатно го користи Техеран во својот поширок судир со Западот, наместо да се обврзе на заемна одбрана.
Видете и ова: Кинеската поддршка за Иран повторно во фокус по нуклеарните разговориВежбите се одржуваат додека САД и Иран ги продолжуваат разговорите за можен договор што би го ограничил иранскиот нуклеарен програм и би спречил војна.
„Иран би бил многу мудар доколку постигне договор“, изјави во средата портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, откако втората рунда разговори меѓу САД и Иран во Женева заврши без напредок.
Вашингтон во последните недели го засилуваше своето воено присуство на Блискиот Исток и неодамна распореди втор носач на авиони во Арапско Море.
Според некои извештаи, американската воздушна моќ во регионот сега го достигнала своето најсилно ниво од инвазијата на Ирак во 2003 година.