Усвоени законските измени за продолжување на рокот за легализација на дивоградбите

Фотоархива: Отстранување на нелегални објекти од страна на Општина Охрид

Собранието денеска (19 февруари) во рамки на 85. седница по скратена постапка го донесе Закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Со овие измени, рокот за легализација на дивоградбите се продолжува за уште пет години, односно до 2031 година.

Дополнителните пет години се дадени за да се завршат постапките за објектите изградени до 2011 година и формално измените не отвораат нова врата за нови барања, туку се однесуваат исклучиво на оние граѓани кои веќе поднеле документација и со години чекаат разрешница.

Барање од Управниот одбор на ЗЕЛС

Законот беше донесе со 67 гласови „за“, пет „против“ и без ниту еден воздржан.

Управниот одбор на ЗЕЛС на почетокот на месецов до Собранието, Владата и Министерството за транспорт достави барање со цел да се овозмои продолжување на рокот на Законот за постапување со бесправно изградени објекти заклучно со 2031 година.

Видете и ова: Дивоградбите во Охрид се ризик за нови трагедии

Во самото барање од Управниот одбор на ЗЕЛС е образложено дека голем дел од постапките не биле завршени поради водење на судски спорови поврзани со правата врз изградените објекти, судски постапки поведени во рамките на постапката која се води пред општината, одложување на донесување на управни акти во постапката поради наследни и други имотно-правни околности кои требало да се решат како претходно прашање во постапка, како и други непредвидени околности.

При тоа, продложувањето на рокот има за цел само довршување на постапките кои се веќе отпочнати, а не и доставување на нови барања и оформување на нови предмети за постапување.

Првично ваков закон беше донесен во 2011 година, а со денеска усвоените измени во членот 5 зборовите „петнаесет години“ се заменуваат со зборовите „дваесет години“, со што се означува времетраењето на процесот на озаконување.

Од парламентарното мнозинство во текот на општата расправа посочија дека станува збор за техничко продолжување, со цел да не се прекинат илјадници предмети кои се наоѓаат во различни фази на постапка.

Пратеничката Бисерка Златеска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Предлог-законот е предложен по скратена постапка, бидејќи станува збор за закон со кој им се дава можност на граѓаните кои имаат покренато процес за легализација на дивоградбите, а досега не добиле разрешница поради тоа што надлежните институции не ги завршиле своите обврски.

Таа додаде дека не станува збор за решение со кое се отвора нов процес на легализација.

„Ако не се донесе ваков закон ќе се казнат граѓаните кои навреме поднеле барања, а не ги исполниле роковите за легализација не по нивна вина, туку поради процесни причини“, рече Златеска.

Таа истакна дека овој предлог не отвора можност за нови дивоградби, туку се однесува на довршување на започнати објекти без дозвола, без нови барања.

Појасни дека рокот се продолжува до март 2031, наместо март 2026. Додаде дека продолжувањето нема финансиски импликации врз буџетот, не создава нови предмети и ги затвора старите.

Видете и ова: Дивоградбите во Охрид се ризик за нови трагедии

Пратеникот Малиша Станковиќ од СПМ нагласи дека во 2011 е донесено првичното законско решение, кое, како што рече, во тој период било контроверзно. Додаде дека и самото име на предлогот е таков бидејќи се бара легализирање на нешто што е бесправно.

„Но, и тогаш и сега, треба да се решат проблемите на овие граѓани, кои не по своја вина, не го завршиле процесот“, рече Станковиќ кој го поддржа предлогот.

Потсети дека во 2011 година на пример, во Кисела Вода околу 4600 до 4700 објекти биле дивогради.

Пратеникот Беким Ќоку од БЕСА нагласи дека ќе го поддржат законското решение, бидејќи како што се надоврза, овозможува завршување на сите постапки за легализација на објекти, кои се изградени без дозвола.

Видете и ова: Чаирската романтика растегната меѓу криминал и политика

Според пратеникот Сашко Јанчев од Левица, предлогот има погрешно име и треба да се нарече „закон за стимулирање изградба на дивоградби“. Тој рече дека првично закон бил донесен во 2011 година и требал еднократно да го реши проблемот, но владите кои се менувале го продолжиле периодот за легализација на 15 години, а со новиот предлог се оди на вкупно 20 години.

Основната идеја на законот беше да се постави ред во урбанизмот кој беше во хаос поради ненавременото носење на урбанистичките планови. Петнаесет години подоцна, сѐ уште илјадници граѓани чекаат локалните власти да им ги решат проблемите и да им дадат документ за сопственост на имот.