Бугарија ќе одржи предвремени избори на 19 април

Именуваниот вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров ѝ го презентираше составот на привремената влада на претседателката Илијана Јотова, 18 февруари 2026 година.

Бугарија ќе одржи предвремени избори на 19 април, објави нејзината претседателка во среда, 18 февруари, осми во пет години по масовните протести против корупцијата кон крајот на минатата година.

Протестите ја соборија владата предводена од конзервативците од функцијата кон средината на декември, предизвикувајќи нова политичка несигурност во балканската членка на ЕУ.

„Ќе го потпишам указот со кој се одредува датумот на парламентарните избори за 19 април 2026 година“, рече претседателката Илијана Јотова.

Минатата недела, Јотова го избра високиот функционер на централната банка Андреј Ѓуров да формира привремена влада, потсетувајќи го дека земјата сака „фер, транспарентни, добро подготвени и добро спроведени избори“.

Ѓуров во среда го претстави својот привремен кабинет, кој треба да положи заклетва пред парламентот.

Конзервативната партија ГЕРБ победи на најновите избори во 2024 година, формирајќи коалициска влада, но протестите избувнаа кон крајот на ноември поради нејзиниот нацрт-буџет за 2026 година.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Нови протести во Бугарија по повторното предлагање на контроверзниот буџет

Демонстрантите го окарактеризираа тоа како обид за маскирање на раширената корупција.

Минатиот месец, долгогодишниот претседател на Бугарија, Румен Радев, гласен критичар на владата кој ги поддржуваше протестите, ја објави својата оставка поради шпекулациите дека сака да учествува на изборите.

Ова ја остави неговата заменичка Јотова да ја преземе функцијата. Нови претседателски избори се очекуваат подоцна оваа година.

Бугарија, која го воведе еврото оваа година, доживеа серија избори од масовните протести против корупцијата во 2020 година против владата на трикратниот премиер Бојко Борисов од ГЕРБ.

Членката на НАТО е меѓу земјите од ЕУ со најнизок ранг на Индексот на перцепција на корупцијата на надзорната организација „Транспаренси интернешнл“.