Мицкоски-Варнс: Јакнење на односите меѓу Северна Македонија и САД

Премиерот Христијан Мицкоски и вршителката на должност амбасадор на САД во Северна Македонија, Никол Варнс, Скопје, 17 февруари 2026 година

Унапредување на билатералната соработка, заедничките приоритети и можностите за продлабочување на партнерството во области од заемен интерес биле темите за кои денеска, 17 февруари разговарале премиерот Христијан Мицкоски и вршителката на должност амбасадор на САД во Северна Македонија, Никол Варнс.

„Разговаравме за унапредување на билатералната соработка, заедничките приоритети и можностите за продлабочување на партнерството во области од заемен интерес. Средбата помина во дух на пријателство, отворен дијалог и заедничка заложба за понатамошно зајакнување на односите“, напиша премиерот на својот Фејсбук профил.

Инаку пред неколку дена Соединетите Држави и Северна Македонија постигнаа согласност за рамковен договор за фер и реципрочна трговија, со кој се отвораат нови можности за извозниците и се продлабочува билатералната економска соработка.

Видете и ова: Поголем пристап до американскиот пазар: Договор за фер трговија меѓу САД и Северна Македонија

Според договорот, Скопје ќе ги укине царинските давачки за сите индустриски и земјоделски производи од САД, додека Соединетите Држави ќе задржат 15% тарифи за дел од македонските производи, со можност одредени производи да добијат нулта стапка.

Надлежните договорот го оценија како важен и значаен исчекор во економската соработка со САД кој, како што соопштија, има големо значење за македонската економија и од кој конкретен бенефит ќе имаат македонските компании.