Ризик од прелевање на неколку реки донесоа последните врнежи на дожд во изминативе 24 часа поради кои се зголемија водостоите во западните делови на земјата, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Од Центарот за управување со кризи информираат дека поради обилните дождови засега е евидентирано излевање на Зајашка река во Кичево при што се зафатени неколку куќи.
„Извршена е евакуација на околу 180 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов““, се вели во соопштението на ЦУК.
Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. Оттаму додаваат дека на терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби.
Видете и ова: Oдрони, свлечишта и поплави на повеќе места во државава по обилните врнежи од дождСпоред досегашните информации, нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи.
Во Гостивар и околните населби пријавени се поплавувања на куќи во село Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Пријавен е и затрупан канал во село Балиндол, при што се поплавени неколку куќи. Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка.
„Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали“, се вели во соопштението на ЦУК.
Претставници од локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и ја следат состојбата.
Во скопскиот регион се поплавени дворови во село Идризово, општина Гази Баба и во село Буковиќ (Општина Сарај) и во село Зелениково (Општина Зелениково).
Во соопштението на УХМР е наведено дека е зголемен водостојот на сите реки во западниот дел од земјата и на дел од нив се очекуваат понатамошни зголемувања во текот на денот.
„До крајот на денот се очекува висок водостој во горниот дел од сливот на реката Вардар, каде се можни заезерувања во Полошката Котлина, како и локални излевања на малите реки и суводолици во Гостиварскиот и во Тетовскиот регион, а и самата река Вардар се очекува да има висок водостој во текот на денот“, пишува во соопштението на УХМР.
Во Пелагонискиот регион и Демир Хисар, реката Црна бележи континуиран пораст, а можни се излевања во делови од Демир Хисар, Кичевско и поширокиот пелагониски крај.
Зголемен водостој има и во Охридско-Струшкиот регион, каде реките Сатеска и Коселска се со покачено ниво, со ризик од локални излевања на помалите водотеци.
Од Управата апелираат граѓаните да бидат претпазливи и да избегнуваат движење покрај реките и водотеците во западните делови на земјата. Се препорачува внимателно следење на состојбата и во источните делови, каде се можни изолирани поинтензивни врнежи.