Кривична пријава против ексградоначалник на Чашка - исплаќал плати и бонуси спротивно на закон

Општина Чашка - лого

СВР Велес поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Како што соопшти полицијата, додека бил градоначалник постапил спротивно на Законот за државните службеници и на 10 вработени во општината им исплаќал пари по основ на плата за кариера кај државен службеник.

За место што според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г. С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.

„Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година Г. С. во својство на градоначалник на општина Чашка постапил спротивно на Законот за државните службеници и на 10 лица вработени во Општина Чашка во повеќе наврати од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник. А на едно лице - спротивно на Законот за работните односи, овозможил да му се исплати бонус плата иако не биле исполнети условите“, посочуваат од МВР.

Видете и ова: Незначително поместување во борбата против корупцијата

Како што наведуваат од министерството, ексградоначалникот им овозможил на 11-те вработени да стекнат имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.