Цвета Ристовска поднесе оставка од ДКСК

Цвета Ристовска

Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата денеска, 13 февруари поднесе оставка од функцијата.

„Согласно член 14 став 1 алинеа 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, јас Цвета Ристовска поднесувам оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување на корупцијата. По недели јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со мојата работа, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување на корупцијата“, вели Ристовска во оставката до претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Таа додава дека во текот на целата професионална кариера, вклучително и работењето во Комисијата, работата ја извршувала законито, совесно и со најдобра намера.

„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации во моето работење во Комисијата во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси барав изземање, согласно законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет. На Државната комисија за спречување на корупцијата ѝ посакувам успешен и професионален придонес во служба на јавниот интерес“, пишува Ристовска.

Видете и ова: Претседателката на ДКСК за која има обвиненија поднесе оставка

Инаку Антикорупциската комисија деновиве отвори два предмети за Ристовска – за проверка на судир на интереси и за непријавување имот.

Во првиот случај се работи за тоа дека фирма на еден од синовите на Ристовска добивала пари во кампања за претседателските избори во 2024 година. Вториот предмет е поради тоа што во анкетниот лист таа не пријавила дека двајцата синови имаат маркетинг фирми.