Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга оформи предмет по информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот, со цел да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Како што информираат од Обвинителството, во координација со Одделението за внатрешни работи (ОВР) Струга при Министерството за внатрешни работи (МВР), издадена е наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде што се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
„При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), како и од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ)“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Во текот на постапката, според ОЈО Струга, ќе бидат преземени и други дејствија на проверки.
Видете и ова: Додека колекторот чека пари, и натаму се излеваат фекалии во Охридското ЕзероВодата од струшкиот водовод од неделата е забранета за секаква употреба поради многу висока заматеност во изворот Шум и низ сите мерни места низ градот. Мострите земени на 9 февруари покажале 28,56 проценти матност, соопштија од Институтот за јавно здравје во Охрид.
Oд струшкото јавно претпријатие „Водовод и Канализација“ со кратко соопштение известија дека водата во градот Струга и околината не е чиста и до наредното известување не треба да се користи за пиење или други потреби.