Еден загинат, четворица повредени откако трамвај излетал од шините во Сараево

Едно лице загина, а две се повредени откако трамвај излета од шините, Сараево, 12 февруари 2026 година

Момче на 22-годишна возраст загина откако трамвај излета од шините на трамвајска станица во близина на Националниот музеј во Сараево, објави Министерството за внатрешни работи на Сараевскиот кантон на 12 февруари.

„Според последните информации, вкупно четири лица добиле лекарска помош. Две лица биле веднаш однесени во болница, а две добиле лекарска помош на местото на несреќата“, изјави Мерсиха Новалиќ, портпаролка на Министерството за внатрешни работи на Сараевскиот кантон.

Несреќата се случи утрото на 12 февруари.

Обвинителството на Сараевскиот кантон објави дека истрагата ќе продолжи утре.

„Истрагата се спроведува под надзор на двајца обвинители, со присуство на механички и сообраќајни експерти. Ќе бидат спроведени потребните вештачења за да се утврдат сите околности и начинот на несреќата, по што ќе се донесе одлука за понатамошни процедурални дејствија“, се вели во соопштението.

Според фотографиите од местото на настанот, од излетувањето на трамвајот од шините била срушена трамвајската станица.

Трамвајскиот сообраќај е целосно прекинат кон центарот на Сараево.

Фотографија од местото на настанот во Сараево.

Првите луѓе на Собранието и Владата на кантонот Сараево изразија најдлабоко сочувство до семејството и најблиските на лицето кое трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа.

„Оваа трагедија длабоко нè потресе и со искрено сочувство ја споделуваме болката со семејството на починатиот. На повредените им посакуваме брзо и успешно закрепнување“, се вели во заедничкото соопштение.

Полицијата посочи дека сообраќајот ќе биде пуштен кога условите ќе бидат соодветни.