Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска, 12 февруари, излегоа на блокада пред стопанските комори во Северна Македонија барајќи да седнат на маса со работодавците и да се договорат за минимална плата од 600 евра.
На блокада излегоа само 40-тина луѓе, односно 21 пред седиштата на Стопанската комора на Северна Македонија и на Стопанската комора на Северозападна Македонија, кои се наоѓаат во иста зграда во центарот на Скопје, и уште 21 на најблиската раскрсница.
Дваесет и еден е минимумот според Законот за јавни собири кој им е потребен за блокадата на улиците, а претседателот на ССМ, Слободан Тренфафилов рече дека се решиле на ваков чекор откако беше објавена снимка од него со неговите деца како користи службен автомобил дента кога синдикатите го блокираа Собранието и бараа пратениците да доаѓаат пешки на работа и да не трошат за патни трошоци. Снимката ја објави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, а Трендафилов потоа обвини дека власта го следи.
„Да не беше законот таков, ќе дојдев сам да блокирам“, рече Трендафилов тврдејќи дека на работници им се заканувале да не излегуваат на протест и блокади и дека сега ќе ги снимаат, заокружуваат итн.
Блокада на ССМ, Скопје 12 февруари 2026
На работодавците им порачаа да седнат на маса и да се договорат бидејќи велат, работниците се нивни пријатели, додека Владата која ги казнува и им пушта инспекции им е непријател.
,,Нашите вработени во приватниот сектор се на работните места. Следниот пат ќе бидат на улица, ако помеѓу овие две блокади газдите не се одважат и не седнеме на маса", рече Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, кој е дел од ССМ.
Видете и ова: Нова блокада на ССМ напладне, се бараат повисоки платиСпоред него 400 или 500 евра плата е социјална полош, а не плата, и за тие пари, газдите не само што нема да имаат непродуктивни работници, туку ќе немаат никакви.
ССМ следната недела ќе има блокада и пред Владата, а раководството на синдикатите најави нов голем протест во неработен ден со организиран превоз со цел да им се даде шанса на сите работници да излезат на улица.
Датум кога ќе се организира тој протест, не прецизираа.