Руските служби за спроведување на законот уапсија осомничено лице за обидот за атентат врз Владимир Алексеев, заменик-шеф на руската воена разузнавачка служба ГРУ, објавија руските медиуми во саботата наведувајќи дека приведен е и соучесник на осомничениот.
Весникот „Комерсант“ пишува дека се очекува осомничениот да биде сослушан во недела наведувајќи дека е покрената кривична постапка по обвинение за обид за убиство и нелегална трговија со оружје.
По сослушувањето, пишува весникот, се очекува осомничените да бидат обвинети.
Русија официјално не го потврди притворањето на осомничените.
Видете и ова: Руски генерал ранет во обид за атентатСпоред „Комерсант“, ранетиот Алексеев бил успешно опериран и се освестил во саботата, но останува под медицински надзор. Нема официјална изјава за неговата состојба.
Според руските канали на Телеграм „Маш“ и „Баз“, осомничениот за обидот за атентат „се транспортира од Дубаи“, а со него е приведен и наводен соучесник.
Сè уште нема информации за идентитетот на осомничениот или наводните сторители на нападот.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини Украина дека стои зад обидот за атентат, за кој, без да даде докази, рече дека имал за цел да ги саботира мировните преговори.
Вториот по ранг офицер на ГРУ, беше ранет во Москва во петокот.
„Комерсант“ објави дека истражителите веруваат оти Алексеев бил застрелан од лице кое се претставувало како курир за достава на храна и кое влегло во неговата зграда. Весникот објави дека Алексеев, кој бил на пат кон работа, бил застрелан двапати на скалите на зградата, а потоа и трет пат додека се бранел од нападот, по што напаѓачот избегал од местото на настанот.
Алексеев е втор по команда во ГРУ, разузнавачката агенција на Министерството за одбрана позната по своите смели операции, од саботажи до атентати, шпионажа и сајбер напади.
Тој е вмешан, според Велика Британија, во труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал со нервен агент „Новичок“ во 2018 година. Британка тогаш почина откако случајно била изложена на отровот.
Алексеев е поврзан и со Евгениј Пригожин, коосновач на најозлогласената руска платеничка компанија, „Вагнер груп“. Пригожин загина во авионска несреќа во август 2023 година, за која западните разузнавачки службеници подоцна заклучија дека во прашање бил атентат.
Министерството за финансии на САД воведе санкции врз Алексеев и други офицери на ГРУ за хакирање на американски партии и други операции за сајбер шпионажа.
Видете и ова: Во експлозија во Москва загинал руски генерал и неговиот заменик, Киев ја презеде одговорностаДоколку се потврди дека тој бил цел на обид за атентат, тоа би бил најновиот во серијата напади врз високи руски воени функционери, од кои многумина беа извршени во Москва.
Сомнежите за нападите во голема мера паднаа врз украинските разузнавачки агенции, кои во последните години извршија смели саботажи и атентати во Русија.
Во декември, началникот на одделот за оперативна обука на Генералштабот, генерал-потполковник Фанил Сарваров, загина откако бомба експлодираше под неговиот автомобил на периферијата на Москва.
Осум месеци претходно, генерал-потполковник Јарослав Москалик, заменик-началник на одделот за операции на Генералштабот, беше убиен во експлозија на автомобил-бомба во близина на Москва.
Офицер задолжен за руските сили за заштита од нуклеарно и хемиско оружје беше убиен во 2024 година кога електричен скутер експлодираше на тротоарот пред неговата станбена зграда во Москва.