Министерот за надворешни работи на Иран изјави дека Техеран и Вашингтон веруваат оти нуклеарните разговори треба да продолжат наскоро по разговорите во Оман, дури и откако Техеран ги отфрли дискусиите за неговата ракетна програма и збогатувањето со ураниум.
Абас Аракчи во изјава за катарската телевизија Ал Џезира на 7 февруари рече дека двете страни се согласиле дека дискусиите треба да продолжат наскоро, додавајќи дека нема договорен временски рок за следниот состанок.
Иако посочи дека Техеран е отворен за постигнување договор, Аракчи додаде оти прашањата околу ракетната програма на Иран и збогатувањето со ураниум не се точки за преговори.
„Ниту сега ниту во иднина не можат да се водат преговори за ракети бидејќи ова е одбранбено прашање. Прашањето за забрана на збогатувањето со ураниум не е предмет на преговори од гледна точка на Иран“, рече тој.
Аракчи додаде дека Иран ќе одговори на секој потенцијален напад на САД: „Доколку Иран биде нападнат, ќе ги таргетираме американските бази во регионот.“
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Химна за демонстрантите - Иранците пеат „Сè уште сум жив“
Коментарите од Аракчи дојдоа еден ден откако делегациите од Техеран и Вашингтон одржаа разговори со посредство на Оман, и откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговорите биле „многу добри“.
Иако ниту една страна не објави конкретни резултати, обете страни сугерираа дека преговорите за нуклеарната програма на Иран би можеле да продолжат во блиска иднина.
„Иран изгледа како многу очајно да сака да постигне договор. Мора да видиме каков е тој договор“, им рече Трамп на новинарите.
„Фактот дека разговорите не пропаднаа и двете страни не ја напуштија преговарачката маса покажува дека можеби почувствувале доволно заедничка основа или дека двете страни ставиле на маса некои отстапки што биле доволно привлечни за да ги продолжат разговорите“, изјави за Радио Слободна Европа, Али Ваез, директор на проектот за Иран во Меѓународната кризна група.
Видете и ова: Венс ќе ги посети Ерменија и Азербејџан, додека САД ја промовираат стратегијата за мир, трговија и минералиРазговорите се одржаа во време на американско воено засилување на Блискиот Исток. Тензиите се зголемија со немирите во Иран кои траат повеќе од две недели, а за време на кои властите започнаа репресија во која, според групите за човекови права, загинаа илјадници цивили.
Додека извештаите за крвопролевањето на протестите пристигнуваа, Трамп се закани дека ќе го нападне Иран доколку некој од десетиците илјади уапсени демонстранти биде погубен.
Претседателот на САД продолжи да ги држи воените опции на маса, истовремено нагласувајќи ги напорите за ограничување на нуклеарната програма на Иран, за која западните сили стравуваат дека има за цел производство на бомби и покрај инсистирањето на Техеран дека таа е за цивилни цели.
По разговорите во Оман, американскиот Стејт департмент објави нови санкции за извозот на нафта на Иран, насочени кон 15 субјекти и 14 бродови од флотата во сенка.
„Соединетите Американски Држави ќе продолжат да дејствуваат против мрежата на превозници и трговци вклучени во транспортот и набавката на иранска сурова нафта, нафтени производи и петрохемиски производи“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.
Видете и ова: Иран: Дипломатските разговори со САД „добар почеток“, се очекуваат понатамошни преговориОдделно, Трамп потпиша извршна наредба со која, според соопштението од Белата куќа, може да се воведат секундарни тарифи за земјите што увезуваат стоки од Иран.
Ваквиот потег со наредбата се опишува како „неопходен и соодветен“ откако биле добиени дополнителни информации од високи функционери во врска со „дејствијата и политиките“ на иранската влада.
Трамп не коментираше директно за наредбата, но пред новинарите повтори „без нуклеарно оружје“ за Иран.
Наредбата не ја специфицира царинската стапка, но како пример наведува 25 проценти. Во неа се вели дека царината може да се примени на стока увезена во САД од која било нација што „директно или индиректно купува, увезува или на друг начин стекнува стока или услуги од Иран“.
Белата куќа соопшти дека оваа последна извршна наредба ја потврдува „тековната национална вонредна состојба во однос на Иран“ и нагласи дека претседателот може да ја измени доколку се променат околностите.
„Претседателот го смета Иран за одговорен за неговата потрага по нуклеарни капацитети, поддршка за тероризам, развој на балистички ракети и регионална дестабилизација што ја загрозуваат американската безбедност, сојузници и интереси“, се вели во наредбата.