УПОЗ се согласи на 8 проценти раст на плата

Лидерот на УПОЗ Трпе Деаноски

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани одлучија да ја прифатат понудата на Владата со која за речиси 8 илјади вработени во државнта управа ќе се зголемат платите за 8 проценти во наредниве три години. Дополнителни вработените ќе добијат и линеарно усогласување со растот на минималната плата.

„Од досега пристигнати изјаснувања, 95% од синдикалните организации се изјаснија дека барањата на Синдикатот на УПОЗ кое е прифатено од страната на Владата за зголемување на платите е поповолно и прифатливо“, се вели во соопштението на УПОЗ.

Административните службеници повисоки плати ќе добијат од март со платата која ќе им биде исплатена во април.

„Како што најавуваме минатата година, ќе бидат на неколку години, на 3 рати, по 8 проценти, за жал, не по 10. Пак ќе повторам, за жал, не ги добивме минатата година, меѓутоа, еве, Владата прифати да ги исплаќа од сега со почетокот од март преку начин што сите институции од државната управа и правосуството, значи судовите, обвинителствата... ќе треба да потпишат поединечни колективни договори за да го добијат ова право“, изјави по средбата со Владата, лидерот на синдалците на УПОЗ Трпе Деаноски.

Видете и ова: ССМ најави блокади на Собранието, Стопанската комора и Владата поради минималната плата

Вчерашната средба следуваше откако премиерот даде понуда за раст на платите за која УПОЗ потврди дека е прифатлива и дополнително ќе се разговара во рамките на синдикалните организации.

Премиерот Христијан Мицкоски во вчерашното интервју за МРТВ изјави дека доколку е прифатена владината понуда, в понеделник ќе започне со изготвувањето на потребните документи и временска рамка.

„ Ќе почне исплатата на платите од април за мартовската плата оваа година, која би опфатил 8-процентно зголемување на збирот од сегашната плата зголемена за растот на минималната плата што треба да се нивелира. Истото ова би се реплицирало и во 2027 година и во 2028 година, што значи дека приближно за две години и два-три месеци од сега административните службеници, оние што не добиле зголемување, како што добија некои од нив во минатото, ќе имаат минимално 40 проценти поголема плата во споредба со денешното ниво,“ изјави Мицкоски.

Во меѓувреме преговорите за раст на минималната плата заглавија. Сојузот на синдикати поднесе иницијатива до Собранието за намалување на функционерските плати.

„ Покрај намалувањето на функционерските плати, за да ги заштитиме интересите на работниците, бараме минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата од зголемувањето на минималната плата (од сегашната минимална плата и новата минимална плата),“напиша на својот Фејсбук профил претседателот на Сојузот на Синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов.

Ставот на Владата за минималната плата останува непроменет, од март ќе има само законско усогласување со кое минималната плата ќе порасне за околу 1500 денари. Поради ова ССМ најави од наредната недела блокади на институции. Дополнително најавено е и нови протести и генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор доколку се нема слух за нивните барања за раст на минималната плата на 600 евра и на сите останатите плати за 100 евра.