Младите во земјава ќе студираат по систем кој властите планираат да го променат преку измени во три закони. Тие меѓу другото, ќе донесат и намалување на студиските програми, бидејќи како што вели ресорната министерка Весна Јаневска, неприфатливо е на некои од нив да има само по двајца или тројца студенти.
На денешната прес-конференција, таа изјави дека универзитетите во моментот спроведуваат над 1300 студиски програми. Јаневска очекува нивниот број драстично да се намали.
Според неа, некои ќе се самозатворат, а други ќе бидат „затворени по сила на законот“.
„Ќе воведеме модуларност што значи, на пример на Правен факултет, сите завршени студенти добиваат диплома за дипломиран правник, па првите две години се исти за сите нив, во вторите две години студентот се усмерува и тоа важи за сите други факултети“, објаснува Јаневска.
Видете и ова: Барбареев: МАНУ треба да ја предводи визијата за високото образованиеПреку пример, Јаневска објасни како овој модел би функционирал на Филолошкиот факултет.
„Еве да речеме, ако сака студентот да учи англиски јазик – под А ќе учи англиски, под Б ако сака ќе учи германски, италијански, француски или кој и да е друг јазик. Нема да има три студенти за германски, пет за француски, туку тие ќе си се запишат на Странски јазик и можат да си одберат понатаму да изучуваат два“, појасни Јаневска.
Таа рече дека на различни факултети, ситуацијата е различна, но со ваквата промена универзитетите веќе е согласиле, бидејќи како што рече, „досегашниот систем не вродил со плод“.
Јаневска не очекува оваа промена да создаде вишок професори на пазарот на труд.
Видете и ова: Студентски живот со донации за младите од еднородителски семејстваТаа истакна дека на катедрите односно на институтите има нерамномерна прераспределба на професорите. Овој проблем рече дека ќе се решава со подзаконски акти.
„Имаме катедра која по систематизација има пет професори, а всушност се вработени десет. И имаме катедри кои по систематизација треба да имаат пет професори, а всушност имаат еден. И постојано фалат луѓе за овие каде што нема, а де-факто имаме превработеност на друго место. Ќе воспоставиме систем каде вработувањата на наставно-научниот кадар ќе оди по систематизација за да немаме премногу или премалку професори за одредени студиски програми“, вели Јаневска.
Таа дополни дека систематизациите ќе ги носат самите универзитети, но сепак од нив ќе се бара отчетност.
Овие промени се само мал дел од сѐ она што го предвидуваат трите закони од областа на високото образование за кои веќе се изработени нацрт-верзиите и за кои деновиве има се повеќе реакции во јавноста.
Законот за високо образование и Законот за квалитет во високото образование и науката, се објавени на електронската платформа ЕНЕР, а деновиве ќе биде објавен и Законот за научно-истражувачка дејност.