Претреси кај ОХИС поврзани со рекордната заплена на марихуана во Србија

Полициска контрола во Скопје - илустрација

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција презема соодветни мерки и активности на локации во Скопје и Струмица за опојна дрога. Од МВР најавуваат повеќе детали по завршувањето на активностите.

Дел од медиумите објавија дека дека десетина комбиња и неколку камиони и полициски возила попладнево влегле во просториите на поранешната фабрика ОХИС во чиј круг се наоѓа и компанијата „Алфафарм“, каде што од вчеравечер се спроведува полициската акција.

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во телевизиско гостување на јавниот сервис МРТ изјави дека случајот со петте тони дрога кои завршиле во Србија, а според српското обвинителство потекнуваат од Северна Македонија е сериозен случај и оти очекува деновиве МВР во акции да заплени на десетици тони дрога.

„Очекувам деновиве Министерството за внатрешни работи да излезе со десетици тони, не со неколку тони, туку со десетици тони на ваков тип недозволени средства, односно недозволени материи, дрога, марихуана во случајов која во моментов се наоѓа во складиштата во Македонија или, пак, на некаков начин имало односи помеѓу одредени правни субјекти, не само во државата, туку и надвор од државата за коишто е констатирано дека се незаконски пуштени во промет, но и незаконски складирани, потенцираше Мицкоски.

Видете и ова: И Скопје ги истражува петте тони марихуана, српските власти ги негираат врските со новата афера

Обвинителството во Северна Македонија оформи предмет во врска со запленетите пет тони марихуана во Србија, за којашто српските медиуми првично информираа дека била набавена од македонска територија.

Петте тони марихуана беа запленети на 29 јануари во регионот на селото Коњух кај Крушевац, централна Србија.

Српската полиција ја оцени заплената како најголема во историјата на земјата, а вредноста на наркотикот се проценува на седум до десет милиони евра.