Земјите од ЕУ се согласија за условите за заем од 90 милијарди евра за Украина

Знамињата на ЕУ и на Украина

Земјите од Европската Унија (ЕУ) се согласија за условите за нов пакет заем за Киев во вредност од 90 милијарди евра (106,3 милијарди долари) за 2026 и 2027 година, за поддршка на воените и економските потреби на Украина, јави агенцијата ДПА.

Според плановите, 60 милијарди евра се наменети за расходи поврзани со одбраната. Сепак, Киев може да ги користи парите само за купување воена опрема од компании со седиште надвор од Украина и европската економска зона, како и од Соединетите Американски Држави(САД), доколку потребните производи не се достапни.

Договорот доаѓа по интензивна дискусија меѓу земјите од ЕУ за тоа како да се поврзат новите средства со одредби за купување оружје по можност произведено во Европа. Франција се залага за строги упатства за промовирање на европската индустрија за оружје, додека други земји предупредуваат дека премногу ограничувања би можеле негативно да влијаат врз одбранбените способности на Украина.

Според договорот, Украина ќе може да ги користи средствата за одредено американско оружје, вклучувајќи ги и системите за ракетна одбрана „Патриот“.

Видете и ова: Дали војната на Русија против Украина ќе заврши во 2026 година?

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претходно предупреди против наметнување премногу строги услови, бидејќи тие би можеле да имаат негативно влијание врз капацитетите за воздушна одбрана на Украина.

Процедурата за заемот уште треба да се финализира со Европскиот парламент.

Првата исплата за Киев е предвидена во вториот квартал од 2026 година.

„Новото финансирање ќе помогне да се обезбеди жестока отпорност на земјата во услови на руска агресија“, рече кипарскиот министер за финансии Макис Керавнос, чија земја претседаваше со преговорите. „Во исто време, испраќаме силен сигнал дека суверенитетот и територијалниот интегритет на државите мора целосно да се почитуваат, во согласност со меѓународното право“, рече Керавнос.

Според проценките на Меѓународниот монетарен фонд, пакетот за поддршка што го претстави Европската комисија покрива околу две третини од вкупните финансиски потреби на Украина во наредните две години.