Обвинителството отвори истрага за транспортот на мозоци во САД

Основно јавно обвинителство, Скопје

Врз основа на повеќе објавени информации во медиумите, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, оформи предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Џефри Епштајн кои упатуваат дека примероци од мозоци на починати лица од земјава наводно биле транспортирани за научно-истражувачки цели во Соединетите Држави.

„Имајќи ја во вид природата на наводите, кои вклучуваат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива, како и евентуални прашања за усогласеноста со законските и етичките стандарди за експерименти со човечки ткива и примероци, Јавното обвинителство оформи предмет со цел да ги испита сите индиции за евентуално постоење на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност“, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Тоа треба да преземе дејствија на прибирање официјални информации од надлежните органи, институции и здравствени установи, во насока на утврдување на евентуално нелегално постапување со човечки ткива и биоматеријали, пропусти или злоупотреби при добивање дозволи и согласности.

Во меѓувреме и Министерството за здравство формираше работна група која ќе го истражува случајот „извоз на мозоци за научни цели“.

Оттаму најавија дека ќе се проверуваат сите информации и податоци за наводите за испраќање мозоци од Македонија во САД и ќе се проверува дали имало соодветна документација, дали се барала согласност од семејствата, дали е почитувана правната рамка и етичката димензија.

Видете и ова: Одложено е објавувањето на целосните документи за Епштајн поради откривање на нови

Во документите што американското Министерство за правда ги објави јавно, а се однесуваат на случајот за починатиот милијардер Џефри Епштајн, осуден за трговија со бело робје, педофилија и силување, се најде и Македонија во контекст на долгогодишно научно истражување за самоубиствата, кое го предводеле американски научници во соработка со Универзитетот „Колумбија“ и кои имале создадено банка од човечки мозоци за истражување. Во колекцијата од околу 1 000 мозоци имало мозоци од лица што извршиле самоубиство, но и контролни примероци.

Во тој контекст се спомнува и Македонија како една од земјите што придонела со примероци, преку соработка со член на Универзитетот „Колумбија“ кој потекнува од Македонија. Во текстот пишува дека мозоците од Македонија биле отстранети по смртта на одредено лице, биле веднаш замрзнати, транспортирани во САД за научни цели и правилно означени и архивирани.