Американската војска собори ирански дрон кој „агресивно“ се приближувал кон носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ во Арапското Море, соопшти американската војска на 3 февруари.
Иранскиот дрон „Шахед-139“ летал кон носачот на авиони „со нејасна намера“ и бил соборен од американски борбен авион Ф-35, се вели во соопштението.
„Борбен авион Ф-35Ц од носачот на авиони „Абрахам Линколн“ го собори иранскиот дрон во самоодбрана за да го заштити носачот на авиони и персоналот на бродот“, изјави капетанот на американската морнарица Тим Хокинс, портпарол на Централната команда на САД.
Тој додаде дека во инцидентот нема повредени американски војници и дека не е оштетена воена опрема.
Видете и ова: Пезешкијан нареди разговори со САД, Трамп се надева на договорИнцидентот се случил во време кога дипломатите се обидуваат да организираат нуклеарни разговори меѓу Иран и САД, и покрај предупредувањата од американскиот претседател Доналд Трамп дека американските воени бродови се упатуваат кон Иран и дека „лоши работи“ би можеле да се случат ако не се постигне договор.
Американската војска распореди поморска ударна група, предводена од носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“, во близина на иранскиот брег.
Претседателот Трамп не ја исклучи можноста за воена акција против Иран како одговор на бруталното задушување на антивладините протести што избувнаа низ Иран кон крајот на декември.