Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска е во посета на Киев кој беше погоден од тешки руски напади во текот на ноќта. Украинскиот претседател Володмир Зеленски објави фотографии на социјалните мрежи од него и Руте како го посетуваат Плоштадот на независноста во Киев за да положат венци во чест на украинските војници убиени во конфликтот, кој се приближува кон својата четврта годишнина.
„Вечна благодарност за нивната жртва и за одбраната на земјата.Наша должност е да го зачуваме споменот на нашите паднати херои“, напиша Зеленски.
Посетата на Руте дојде откако украинскиот министер за енергетика Денис Шмихал ја обвини Москва за обид за „зимски геноцид“ во услови на големи напади врз енергетската инфраструктура на земјата, со што се стави крај на еднодневната пауза.
Шмихал рече дека Русија користела балистички и крстосувачки ракети, како и беспилотни летала, за да погоди цивилни цели, вклучувајќи термоцентрали и високи згради. Тој ги опиша нападите како намерен обид да се остават цивилите без греење на екстремниот студ.
Видете и ова: Русија продолжува со нападите на Киев пред разговорите во Абу ДабиВо Киев, температурата во вторник беше прогнозирана на минус 20 степени Целзиусови. Нападите се случија и покрај претстојните разговори меѓу украинските и руските претставници закажани за среда и четврток во Абу Даби, со посредништво на САД.
Зеленски ја обвини Москва за „терор и ескалација“ по нападите врз Киев.
„Искористувањето на најстудените зимски денови за тероризирање на луѓето е поважно за Русија отколку свртувањето кон дипломатијата“, напиша тој на X.
Девет лица беа повредени во нападите, рече Зеленски, а Русија распореди повеќе од 70 ракети и 450 дронови за напад.