Владата на иранскиот реформски претседател, Масуд Пезешкијан ги објави имињата и националните идентификациски броеви на 2.985 лица убиени за време на неодамнешните протести низ целата земја.
Објавувањето на официјалната владина листа на 2 февруари ги претвори киосците за весници во мрачни меморијали и отвори дебата дали овој потег претставува вистински исчекор кон транспарентност или пресметан обид да се ублажи размерот на далеку поголема трагедија.
Листата, објавена од администрацијата на Пезешкијан, идентификува речиси 3.000 жртви.
Медиумите блиски до државата ги истакнаа имињата на насловните страници, претставувајќи ја објавата како доказ за „храбрата транспарентност“ на владата.
Видете и ова: Пезешкијан нареди разговори со САД, Трамп се надева на договорСепак, организациите за човекови права и активистите ја обвинуваат Исламската Република дека се обидува да „преземе контрола врз наративот“ и значително да ги намали вистинските размери на страдањето.
Кабинетот на претседателот официјално соопшти дека бројот на загинатите изнесува 3.117, наведувајќи дека разликата меѓу таа бројка и објавената листа се однесува на 131 неидентификувано тело.
Сепак, во интервју за Радио Фарда на Радио Слободна Европа, Махмуд Амири-Могадад, директор на организацијата Iran Human Rights (IHR) со седиште во Осло, изјави дека самиот обем на објавените имиња претставува признание за „масакр од огромни размери“ кој државата повеќе не можела да го сокрие.
„Не можеа да го задоволат јавното мислење со помала бројка“, рече Амири-Могадад.
„Ова е официјално признание на масовен покол. Дури и 3.000 е огромна бројка, но врз основа на нашето искуство, нивото на тајност и понатаму е многу високо.“
Организациите за човекови права наведуваат дека ваквите несогласувања се вообичаени и се во согласност со претходните обрасци. Така, IHR во 2024 година потврди 503 егзекуции поврзани со дрога во Иран, додека владата официјално призна само 15.
Американската организација за човекови права ХРАНА спроведе прелиминарна анализа на владината листа, опишувајќи ја како „набрзина изработена“ и преполна со правописни грешки, дуплирани записи и нецелосни идентификациски податоци, со целосно отсуство на контекстуални информации како што се времето, местото или причината за смртта.
Видете и ова: Раскрсница во Техеран во служба на воинствена пропагандаКритичарите тврдат дека властите, не наведувајќи дали убиените биле демонстранти, случајни минувачи или припадници на безбедносните сили, го направиле речиси невозможно јавноста независно да ги провери податоците или да повика конкретни функционери на одговорност.
Јавниот гнев дополнително беше поттикнат од скандалот на државната телевизија Офог. На 1 февруари, водителот на емисијата „Khat-Khatti“ предизвика огорченост низ целата земја откако подбивно сугерираше дека телата на демонстрантите се чуваат во „замрзнувачи на супермаркети“ или „апарати за сладолед“.
Реформски ориентираниот новинар и поранешен градоначалник на Техеран, Голамхосеин Карбашчи, изјави дека овој инцидент ја разоткрил подлабоката трулеж на системот. Тој ја критикуваше владата поради зголемувањето на буџетот на државниот радиодифузер (IRIB), за кој рече дека го води „неписмена“ група луѓе, целосно одвоена од ожалостената јавност.
Додека владата и понатаму стои зад својата проценка од околу 3.100 загинати, бранителите на човековите права веруваат дека вистинскиот број на убиени за време на бранoт протести кој започна на 28 декември веројатно е значително поголем.
„Нашата проценка, заснована на сведоштва на очевидци и прецизни податоци, укажува дека бројките што се спомнуваат во медиумите, како 20.000 или 30.000, не делуваат нереално“, изјави Амири-Могадад.
Тој додаде дека дури и во тековниот процес на верификација на организацијата IHR, приближно половина од потврдените жртви не се наоѓаат на официјалната владина листа.
Во меѓувреме, ХРАНА, чии податоци Радио Слободна Европа редовно ги користи од почетокот на насилниот судир, наведува дека нејзиниот потврден број на загинати, вклучително и припадници на безбедносните сили, достигнал 6.842.
Дополнителни 11.280 смртни случаи се под истрага, додека повеќе од 49.000 лица се уапсени.