Јавниот долг на државата заклучно со 31 декември 2025 година изнесува 59,6 проценти од бруто-домашниот производ (БДП), објави денеска Министерството за финансии.
Според официјалните податоци, вкупниот јавен долг на крајот на минатата година достигнал 10.064,1 милиони евра (околу 10 милијарди евра), од кои 4.493,9 милиони евра се надворешен, а 4.570,2 милиони евра внатрешен јавен долг.
Државниот долг изнесува 5.382,5 милиони евра, односно 51,8 проценти од БДП, што претставува намалување од 1,2 процентни поени во однос на претходната година, според институцијата.
Видете и ова: Инфлацијата и натаму го јаде стандардотМинистерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска оцени дека ваквото ниво на јавниот долг е јасен показател за стабилни јавни финансии и спроведување на фискална консолидација, како и почитување на Мастришките критериуми, според кои јавниот долг не треба да надмине 60 проценти од БДП.
„Нашите проекции согласно Стратегијата за управување со јавниот долг беа дека тој ќе се движи нешто над 60 проценти, но со посветена работа, внимателно планирање и строга контрола на расходите успеавме да постигнеме подобар резултат од очекуваниот“, изјави Димитриеска Кочоска.
Таа појасни дека пониското ниво на јавниот долг се должи пред сè на внимателното трошење на средствата од централниот буџет, како и на контролираното и фазно повлекување на кредитните средства од страна на јавните претпријатија и акционерските друштва. Значајна улога, како што посочи, имаат Секторот за буџети и Секторот за меѓународни финансии во рамки на Министерството за финансии, кои континуирано ги следат финансиските состојби и реализацијата на кредитите.
Видете и ова: Задолжување од една милијарда евра: За власта успех, за опозицијата „приказна за нужда“Во однос на очекувањата за движењето на јавниот долг во текот на годинава, министерката истакна дека не очекува тој да ја надмине границата од 60 проценти од БДП, но дека тоа ќе зависи од реализацијата на приходите.
„Планиравме реални даночни приходи, а очекувам и можност за нивно надминување, особено со оглед на целосната примена на системот Е-фактура“, изјави Димитриеска Кочоска.