Советот на Европа го затвора постмониторинг-дијалогот со Северна Македонија

Илустрација

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на својата јануарска сесија изгласа Резолуција за затворање на постмониторинг-дијалогот со Република Северна Македонија.

Со ова Собранието одлучи да продолжи да ги следи случувањата преку својот механизам за редовен периодичен преглед.

Во текстот на Резолуцијата, подготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија и Џозеф О’Рајли од Ирска, се наведува напредокот на земјата во владеењето на правото, заштитата на човековите права, демократијата, соработката со телата на Советот на Европа - а се признава и политичката посветеност за исполнување на обврските преземени уште во 2000-та година.

Собраниската прес-служба соопшти дека мониторинг комисијата има важна улога да го следи исполнувањето на обврските преземени од страна на земјите-членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата на кои земјите - членки се обврзале.

Значењето на мониторинг процесот, како што се наведува во соопштението, е нагласен и во односите меѓу Советот на Европа и Европската Унија.

„Постои блиска соработка, консултација и координација на активностите во рамките на проширувањето на ЕУ и заради тоа исполнувањето на обврските и заложбите кон Советот на Европа се сметаат за битен елемент за унапредување, забрзување и остварување на аспирациите за натамошно евроинтегрирање на одредена држава“, соопшти собраниската прес-служба.

Видете и ова: ПССЕ: Македонија бележи напредок, но, загриженост од политизација на судството и од корупцијата

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека „ова е историски ден, би рекол рамо до рамо со денот кога се прогласи независноста“.

„Тоа значи дека Македонија веќе не е опфатена со постмониторинг од страна на Советот на Европа. За разлика од нас, оние земји што ги сметаат за фронтранери во регионот, Црна Гора или Албанија, сè се уште во мониторинг или се во постмониторинг. А само пред три-четири месеци земја членка на Европската Унија, како Бугарија, излезе од тој постмониторинг, сега и ние излегуваме - изјави Мицкоски.

Според опозицискиот СДСМ, пак, укинувањето на комисијата за постмониторинг дијалог од страна на ПССЕ не е никаков успех на коалицијата ВМРО-ЗНАМ, туку чекор врз основа на реформи почнати во претходниот период.

„Да не бил периодот на владата на СДСМ, а да останеле на власт Никола Груевски и Сашо Мијалков, со својот авторитарен пристап, веројатно би довеле до продолжување на работата на комисијата на уште 25 години поради кршење на демократските стандарди, корупција и притисок врз институциите. Денес, нивниот ученик, Мицкоски, продолжува таму каде што тие застанале, со силна анти-ЕУ кампања која е во полн ек и која ги загрозува интеграциите“, соопштија од СДСМ.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вчера(29.01) објави дека оваа одлука претставува важно институционално признание за напредокот и посветеноста на државата кон принципите и стандардите на Советот на Европа, како и потврда за остварениот напредок во областите на демократијата, владеење на правото, заштита на човековите права и односите со соседните земји.