Зеленски: Украина е подготвена на ограничен прекин на огнот со Русија

Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина би била подготвена да ги запре нападите врз руски цели како дел од ограничен прекин на огнот, под услов Русија да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура.

„Ако Русија не пука врз нашите енергетски објекти, тогаш ние нема да ги нападнеме нивните“, изјави Зеленски.

Сепак, тој рече дека такви гаранции сè уште не се добиени од Москва. Според Зеленски, предлогот за ограничен прекин на огнот го изнесе Вашингтон. Тој рече дека немало директен контакт меѓу Киев и Москва по ова прашање.

Американскиот претседател Доналд Трамп во четврток рече дека го замолил рускиот претседател Владимир Путин да ги запре воздушните напади една недела за време на очекуваниот период на силен студ во Украина.

„Јас лично го замолив претседателот Путин да не пука во Киев и различните градови една недела и тој се согласи да го стори тоа. И тој го направи тоа“, рече Трамп за Путин.

Видете и ова: Трамп: Путин се согласи да не напаѓа украински градови една недела поради студот

Коментарите на Трамп следеа по извештаите на добро информирани руски воени блогови дека Москва во четврток наутро издала наредба за запирање на нападите врз цивилната инфраструктура.

Украинските воздухопловни сили во петок наутро соопштија дека Русија лансирала 111 беспилотни летала врз земјата преку ноќ, од кои 80 биле соборени.

Немаше непосредни извештаи за напади врз енергетски објекти. Последното предупредување за воздушен напад за Киев, кој неодамна беше под силно руско бомбардирање што ги прекина електричната енергија и греењето, беше издадено во среда.

Зеленски рече дека понатамошни разговори со посредство на Вашингтон меѓу руските и украинските делегации во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати, се очекуваат во недела, иако предупреди дека датумот и местото на одржување сè уште може да се променат.