Македонските превозници се повлекуваат од блокадите

Транспортери од Северна Македонија го блокираат граничниот премин „Богородица“, 26 јануари 2026 г.

Македонските превозници вечерва (29 јануари) во 20 часот ќе се повлечат од блокадите на товарниот дел од граничните премини, одлучи попладнево на состанок Асоцијацијата Макам-транс“, откако Европската комисија одлучи да донесе нова стратегија за визи која треба да даде решение на проблемот со кој се соочија професионалните возачи за престојот од 90 дена во рамки на 180-дневниот период дозволен престој во шенген-зоната.

Повлекувањето од блокадите значи дека по речиси четиридневен застој ќе се нормализира товарниот сообраќај на граничните премини „Деве Баир“, „Делчево“, „Ново Село“, „Дојран“, „Богородица“, „Меџитлија“, „Ќафасан“, „Блаце“, „Блато“ и „Стење“.

Видете и ова: ЕК разгледува опции за возачите на камиони од Западен Балкан

„Макам-транс“ во објава на Фејсбук наведе дека се повлекуваат од блокадите, бидејќи со одлуката на ЕУ е добиена потврдата која ја очекувале за промени и се заблагодари на сите кои „неуморно во изминатите денови ја дадоа својата поддршка и солидарност со блокадата на граничните премини“.

Транспортерите од Северна Македонија, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина ја почнаа блокадата на почетокот на неделава со барање да бидат изземени од новиот систем за контрола на влез и излез во ЕУ поради кој велат дека се соочуваат со економски штети и депортации.

Нова стратегија од Европската комисија значи дека во оваа фаза се уште нема конкретно решение, освен потврдувањето дека ова прашање ќе се разгледува во иднина.

Во неа се наведува дека институцијата ќе соработува тесно со земјите-членки за да најде „прагматични решенија“ за да овозможи продолжен краткорочен престој за одредени категории државјани од трети земји, а воедно да обезбеди безбедност и економски придобивки за Унијата, како и правна сигурност за патниците.

Стратегијата, исто така, наведува дека, за да се најдат овие прагматични решенија, меѓу другото ќе се разгледа и можноста за воведување ново законодавство на ниво на ЕУ, со специфичен сет правила за продолжен краткорочен престој.

„Во овој контекст, Комисијата ќе го разгледа влијанието на постојните билатерални договори што дозволуваат продолжен престој, со цел нивно постепено укинување“, се наведува во стратегијата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Ние не сме ни туристи, ни терористи“ - камионџиите од Балканот ги блокираа границите за товарен сообраќај

Усвоената стратегија признава дека одредени категории работници треба да останат подолго од 90 дена во рамките на 180-дневниот период дозволен со Шенгенските правила.

Ова се категории кои во голема мера се потпираат на мобилноста, како што се уметници на турнеја, спортисти или возачи на камиони, кои треба да останат подолго во Шенген зоната без потреба од престој или дозвола за престој.

По веста од Брисел, попладнето на 29 јануари, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопштија дека министерот Тимчо Муцунски телефонски разговарал со еврокомесарката за проширување Марта Кос.

„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, соопштија од Министерството.

Претходно и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски преку објава на социјалните мрежи оцени дека стратегијата од ЕК е „одлична вест“ и таа треба да значи решавање на проблемот на професионалните возачи.