Бислимоски по кривичната: Нема да дозволам да се валка моето име

Марко Бислимоски, претседател на РКЕ

Ќе го следам целиот процес и нема да дозволам на ниту еден начин да биде извалкано моето име, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски откако Управата за финансиска полиција му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувања.

„Сè што стои на располагање, јас ќе го дадам на соодветните институции и цврсто сум сигурен дека ќе докажеме дека апсолутно немало никакво прекршување, ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“, нагласи Бислимоски.

Финансиската полиција го товари дека иако бил законски обврзан, тој не и ја одземал лиценцата за работа на компанијата „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, која не ги исполнувала условите за вршење енергетска дејност.

Бислимоски, пак, тврди дека сите постапки се водени според закон и на истиот начин за оваа и за сите останати компании не само во делот за нафтени деривати туку и во секторот за електрична енергија.

Видете и ова: Кривична пријава за претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски

Претседателот на РКЕ на прес-конференција убедуваше дека не постоел повластен статус за ниту една компанија и постапките при одземање на лиценци се утврдувани од, како што рече, сериозен тим од Регулаторната комисија за енергетика.

„Во истиот период кога се води постапката за одземање на лиценцата на таа компанија што се споменува, и за други компании се води буквално истата постапка. Некои завршија со одземање на лиценца, а некои компании кои што во текот на постапката докажаа дека не ги исполнуваат критериумите за одземање на лиценца, лиценцата не им беше одземена… Апсолутно се применувани пропишаните рокови и процедури, во понатамошен период апсолутно тоа и ќе се докаже дека е така“, рече Бислимоски.

Од Управата за финансиска полиција претходно наведоа дека на компанијата „Тритерол Петрол“ лиценцата требало да биде одземена на 15 јануари 2024, но тоа не се случило тогаш туку на 14 април 2025. Оттаму посочија дека со тоа компанијата остварила вкупен промет од над 194,5 милиони денари, а стекнала и противправна имотна корист од околу 14,1 милион денари.

Во ноември лани Финансиската полиција поднесе кривична пријава и против лицата Љ.П. и З.А. во својство на управители на правното лице „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, како и против самата компанија, поради сомнение за сторени кривични дела „Фалсификување исправа“ и „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“.

На Бислимоски во тек му е вториот петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот беше во периодот од јуни 2018 до јуни 2023. Тој беше реизбран за функцијата со одлука на Собранието од јули 2023 годна.