Гаши: Добро е да има меѓупартиски договор за укинување на техничката влада

Африм Гаши, претседател на Собранието на РСМ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши не верува Владата да предложи законски измени за укинување на техничката влада без да има некој начелен договор помеѓу партиите.

„Можам да кажам дека сè уште нема никаков предлог од Владата во однос на оваа тема. Мислам дека разговори течат. И не верувам дека Владата без да има некој начелен договор помеѓу партиите ќе предложи нешто така големо круцијално, но сепак зависи од нив, рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.

Потенцира дека кога ќе пристигне предлог од Владата, ќе го достават до пратениците и ќе почне процедурата. Потоа, вели Гаши, политичките партии, но и граѓаните, ќе ценат дали е во ред тоа или не.

На новинарско прашање дали се подготвени како владејачко мнозинство да гласат за укинување на техничката влада без согласност од опозицијата, Гаши рече дека законот тоа го овозможува и не го забранува, но според него подобро е да се постигне договор.

„Мислам дека подобро би било сите заеднички да се договориме кога престанува потребата од таква техничка влада. Сега ако се настојува да се пристапи инаетчиски или унилатерално и тврдоглаво да се застане зад некој став, тоа е друга работа. Но, треба да се аргументира и да се дојде до решение кое сите заедно еден ден ќе кажеме - оваа техничка влада веќе не ни треба. Ако дојде до таков момент, мислам дека е добро заедно да го изгласаме тоа решение. Воопшто зборувам во принцип, силината на аргументите да бидат битни за решавање на проблемите, а не некој посебен интерес на некоја политичка партија“, рече спикерот Гаши.

Видете и ова: Две варијанти во игра за укинување на техничката влада по лидерската средба

На 14 јануари се одржа лидерска средба, а едно од прашањата за кои се разговараше беше и укинувањето на Техничката (Пржинската) Влада. По средбата беше кажано дека се размислува за две варијанти поврзани со ова прашање. Едната е да се укине веднаш, а втората по следните парламентарни избори.

На средбата не присуствуваше лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче. Подоцна тој го повтори ставот на партијата дека укинување на техничката влада не треба да има. Филипче смета дека ќе има предвремени парламентарни избори, на кои СДСМ ќе настапи кога и да се случат.